Либија денеска се најде во ситуација да има двајца премиери по контроверзното гласање во Парламентот што е знак за уште пожестока борба за власт во земјата погодена од повеќе кризи.
Во очигледниот институционален удар на источниот либиски табор на оној во Триполи, Парламентот со седиште во Тобрук го назначи влијателниот поранешен министер за внатрешни работи Фати Бачагу за наследник на Абделхамид Дбеибах како претседател на преодна влада.
Очекувајќи таков резултат од гласањето, Дбеибах во неколку наврати изјави дека ќе се откаже од должноста само врз основа на изборните резултати.
Синоќа во Триполи било пукано во возилото на Дбеибах, јавија локалните медиуми, без да прецизираат дали тој бил во него. Засега нема официјална потврда за информациите за пукањето.
Либија западна во голема политичка криза по падот на Моамер Гадафи во 2011 година, во која големите региони се борат за превласт и вмешани се мноштво странски фактори.
Во екот на граѓанската војна помеѓу 2014 и 2016 година, земјата имаше двајца ривалски премиери, на запад и на исток од земјата.
По долги години вооружени конфликти и поделби, Владата на национално единство на Дбеибах беше формирана пред една година под покровителство на ОН за да ја води транзицијата кон претседателските и парламентарните избори закажани за декември, но подоцна беа одложени на неодредено време.
Парламентот на почетокот на седницата во Тобрук гласаше и за 14-месечно продолжување на неговиот мандат, кој начелно истече во декември.
„Многумина ги гледаат денешните настани во Либија – назначувањето на нов премиер за консолидирање на некои политички струи – како завршена работа“, коментира на Твитер Тарек Мегриси, аналитичар во Европскиот совет за меѓународни односи.
„Тоа всушност е игра на доверба која трае веќе некое време и нејзината единствена цел е да ги попречи напорите во корист на изборниот процес“, рече тој.
Извор: МИА