Ексминистерот за образование и наука и неправосилно осуден во предметот „Организатори на 27 април“, Спиро Ристовски, по седум месеци излегува од куќен притвор, потврдува Кривичен суд за „А1он“. Тој понудил гаранција до Кривичниот совет која му е прифатена. Оттаму не ја открија вредноста на понудениот имот кој ќе биде под хипотека.
„Постапувајќи по предлог на наведениот обвинет, донесе решение со кое го прифаќа предлогот за укинување на мерката куќен притвор со гаранција во недвижен имот. Штом имотот ќе биде катастарски впишан решението ќе биде извршно и експедирано“, велат од Кривичен за „А1он“.
Ристовски помина седум месеци во куќен притвор, како мерка за обезбедување присуство поради опасност од бегство. Тој е осуден на 6,3 години затвор. Тогаш, обвинителката Гордана Смаќоска сметаше дека тој може да избега, па поради тоа и кажа дека е неопходно да биде во куќен притвор. За овој случај, одлучува Апелација.
Минатата недела, од притвор беше ослободен и Трајко Вељановски, поранешен спикер на Собранието и неправосилно осуден за настаните од 27 април. И нему, како и на Ристовски, му беше одреден притвор.