Кривокапиќ: Свесен сум дека на Владата утре ќе и биде изгласана недоверба

Од:

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ изјави дека е свесен оти Собранието утре ќе и изгласа недоверба на неговата влада, додавајќи дека такво сценарио е договорено меѓу дел од власта и лидерот на опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ.

Кривокапиќ денеска таквиот расплет на политичката криза го нарече „измама“, а својот мандат на чело на Владата го опиша како „седење на електрично столче“, алудирајќи на немањето поддршка кај владејачкото мнозинство.

Тој се обрати до јавноста откако претходно денеска Собранието одби да расправа за неговата иницијатива за смена на вицепремиерот Дритан Абазовиќ, пред утрешното гласање за доверба на владата, чиј пад е се поизвесен.

Иницијативата за смена на власта беше поднесена од коалицијата на Абазовиќ „Црно на бело“ и сите опозициски партии, вклучително и најсилната меѓу нив, ДПС.

Кривокапиќ истакна дека неговата Влада „не можеше да ги преживее нападите одвнатре“, а одговорноста за немањето резултати во областа на владеењето на правото ја префрли на Абазовиќ.

Тој нагласи дека во политиката влегол поради Законот за слобода на вероисповед и оцени дека ја исполнил својата политичка цел. Неговата Влада ги промени одредбите од тој закон, кои беа спорни за СПЦ, и подготви нацрт на Основниот договор со таа црква.

Кривокапиќ му се заблагодари на лидерот на Демократска Црна Гора, Алекса Бечиќ, претседателот на Собранието, за поддршката и ги повика граѓаните да не протестираат.

– Мирот и безбедноста се поважни од сите игри и интереси. Останете дома, гледајте, истакна црногорскиот премиер.

Поддржувачите на Кривокапиќ, противници на малцинската влада која се очекува да биде формирана, протестираа двапати неделно во Подгорица и во неколку други градови во изминатите две седмици. Протестите ги предводат министри лојални на Кривокапиќ.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

Двајца бугарски државјани уапсени во Црна Гора за обид за убиство

Горан Наумовски

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Младите Македонци и Црногорци најдоцна се осамостојуваат од своите родители

Горан Наумовски

Со нож нападнал невропсихијатар во Црна Гора затоа што не му издал дозвола за оружје

Силно невреме ја погоди Црна Гора: Поплавен е дел од Јадранската магистрала