Одговорот на НАТО на руските предлози за безбедносни гаранции ја нагласува сериозноста и одговорноста со која гледа на актуелната ситуација, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
„Одговорот на САД на руските предлози за безбедносни гаранции обезбедува солидна основа за зајакнување на стабилноста во Европа“, напиша тој на Твитер.
„Отворен е патот за преговори од наша страна“, напиша Борел.
САД и НАТО вчера и дадоа на Русија писмени одговори на безбедносните предлози што Москва им ги понуди на Вашингтон и на Брисел.
САД побараа текстовите на овие документи да не се објавуваат во јавноста, но американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги наведоа нивните главни елементи. Според двајцата, Западот начелно не и прави отстапки на Русија, туку дава насоки за понатамошни преговори.
Извор: МИА