Со 62 гласа за и 46 против во собранието вечерва е избрана новата Влада. По дводнева дебата, владат на Димитар Ковачевски ја доби поддршката од пратениците од мнозинството. Против предложениот состав гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на Алијанса за Албанците и на БЕСА.
Новата Влада брои 21 член. СДСМ и коалицијатата имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.
Новиот владин кабинет има еден член повеќе од претходниот – министер без ресор за дијаспора, место што и припадна на Алтернатива.
Бојан Маричиќ е вицепремиер за европски прашања, Славјанка Петровска ќе раководи со Министерството за одбрана, Беким Сали од Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, досегашниот министер за информатичко општество и администарција Јетон Шаќири го презема Министерството за образование и наука, Јована Тренчевска ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика, а Бисера Костадиновска Стојчевска го презема ресорот култура.
Адмирим Алити од Алтернатива ќе биде прв човек на МИОА, а Џемаил Чупи од оваа партија е министер без ресор задолжен за дијаспората.
Во новата влада на Ковачевски останува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а ново име е Славица Грковска која е вицепремиерка за борба против коруција и криминал.
Со ресорот правда ќе раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски. Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски, а функциите ги задржаа и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи, Благој Бочварски, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Во Министерството за локална самоуправа останува Горан Милевски, а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот министер Насер Нуредини.
Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби. Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се врати Љупчо Николовски.