Гаревски: Главниот удар помина, регистрирани се 40 помали земјотреси кои укажуваат дека раседот се смирува

Од:

Серија мали потреси се сосема очекувани по синоќешниот земјотрес со магнитуда од 5,4 степени според Рихтер кој се почувствува на територијата на цела држава, но ризик за оштетувања нема, вели Михаил Гаревски, сеизмолог и поранешен директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени (ИЗИКП) и на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Тој вели дека дури и битолчани, кои се најблиску до епицентарот во Лерин и затоа најсилно го почувствуваа земјотресот, може да се вратат дома.

„Сите досегашни анализи покажуваат дека ударот синоќа бил типичен главен удар со регистрирани 40 афтершокови или последователни помали потреси. Ова значи дека нема никаков ризик од нов потрес кој би предизвикал штети низ градовите кај нас. Афтершокови послаби од главниот се сосема очекувани. Досега регистрираните се со магнитуда 2,8 – 4,2 според Рихтер, а се менува и епицентарот. Дел од нив имаат поместен епицентар кон Битола, во истиот расед. И тоа укажува дека се намалува притисокот во раседната зона“, објаснува Гаревски.

Тој вели дека од синоќешниот земјотрес, кој бил почувствуван и во Софија, не се очекувани оштетувања на конструкциите на објектите, но со исклучок на Битола каде што граѓаните пријавуваат штети.

„Во Битола можни се и оштетувања на конструктивните елементи на објектите на полошите градби. Граѓаните веќе пријавуваат некои напукнувања, но тоа треба дополнително да го утврди општинска комисија. Во останатите градови во Македонија, градбите не би требало да имаат какви било штети од земјотрес со овој интензитет“, вели Гаревски.

Синоќа, петнаесет минути по земјотресот Гаревски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните можат мирно да спијат оти главниот удар поминал.

„Можете мирно да спиете бидејќи и да се случи посилен земјотрес епицентарот е доволно оддалечен од сите македонски градови со исклучок на Битола и забрзувањето ќе атенуира па ќе нема никаква опасност. Во Лерин сигурно ќе има штети па дури и конструктивни оштетувања на послабите градби“, напиша синоќа Гаревски на социјалните мрежи.

Неговиот повик не допре до голем број битолчани кои во колони околу полноќ го напуштаа градот, а имало и такви кои ноќта место в кревет ја минале во автомобилите поради страв од посилен удар.

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

ВИДЕО: Снимки од силните земјотреси во Куба, паника насекаде

Предраг Петровиќ

Сеизмолошка опрерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

Силен земјотрес го погоди Чиле