СДСМ бира ново раководство, Ковачевски треба да биде потврден за кандидат за нов премиер

Од:

Откако во четвртокот Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова Влада. Шефот на државата во телевизиско интервју истиот ден изјави дека очекува мандатот на мандатарот да му го додели во вторник или среда.

За мандатар се очекува да биде предложен новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Според најавите, денеска ќе заседава Централниот одбор на СДСМ на кој Ковачевски и официјално би требало да биде потврден како кандидат за нов премиер.

На седницата на ЦО ќе се гласа и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, но не и за министерските функции во новиот владин кабинет.

Во услови кога во јавноста веќе се посочуваат можните нови членови на Владата, некои од актуелните министри најавија повлекување. Така, министерката за одбрана Радмила Шекеринска уште пред 10 дена информира дека нема да биде дел од новата Влада, откако пред осум месеци се повлече и од функцијата заменик-претседател на СДСМ.

По неа, и министерката за образование и наука Мила Царовска соопшти дека донела одлука да не учествува во новата Владата. Вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи изјави дека е подготвен да остана на функцијата и во новата влада.

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски изјави дека смета оти не треба да биде дел од новото раководство на партијата, нагласувајќи дека во новиот партиски тим треба да бидат нови луѓе кои имаат енергија и една поинаква визија.

Својот ресор во новата Влада нема да го задржи ни министерот за здравство Венко Филипче, бидејќи со договорот со новиот коалициски партнер Алтернатива, оваа партија ќе го добие раководењето со Министерството за здравство, на чие чело би застанал Беким Сали. Алтернатива дополнително за министер за информатичко општество и администрација го номинира Адмирим Алити, а за министер без ресор одговорен за дијаспората Џемаил Чупи.

ДУИ веќе најави дека останува на ставот оти нема да има промени на нивните министри, со исклучок на актуелниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, чиј ресор го добива Алтернатива и кој би застанал на чело на Министерството за образование и наука. Се очекува функцијата да ја задржи и министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП, Горан Милевски.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Граѓаните масовно да излезат на изборите на осми мај, се одлучува за иднината

Горан Наумовски

Ковачевски од Струмица: Му благодарувам на ЗНАМ што ја разјасни дилемата и што застана јавно со ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ

Пендаровски: Мицкоски е политички наследник на Ванчо Михајлов

(ВИДЕО) Ковачевски: Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел

Пендаровски: Младите знаат дека бев и дека секогаш ќе бидам нивен сојузник

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Граѓаните да излезат на 8 ми мај и да гласаат, се работи за иднината на државата