Повисока минимална плата – поголема продуктивност и економски раст

Од:

Минималната плата, зголемена или не, е во фокусот на интересот на крајот од годинава. И кај работодавците, и кај синдикатите, и кај Владата и кај граѓаните. Работниците, граѓаните и синдикатите се на став дека минималната плата треба да се зголеми на 18.000 денари поради покачувањето на цените на продуктите и на енергенсите, како и најавеното зголемување на цената на струјата. Од другата страна работодавците сметаат дека зголемувањето на минималната плата во услови на пандемија ќе го намали работењето и ќе има отпуштања.

Но, всушност, какви се ефектите од зголемувањето на минималната плата?

Најновите резултати од истражувањата направени од страна на економските аналитичари се готови и треба да се публикуваат. Станува збор за анализа за последното зголемување на минималната плата од 2017 година. И тоа на сите фирми и дејности во државава. Да потсетиме: минималната плата е востановена во 2012 година, првично со 8 050 денари. Сега е 14 500 денари.

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кој е дел од тимот што ги правеше анализите, е категоричен – нема негативни, туку, напротив, има позитивни ефекти од зголемувањето на минималната плата. Растат продуктивноста и економијата. Тој позитивен тренд се однесува и на новото, најавено, зголемување на минималната палта.

– Ние правевме студија, со Драган Тевдовски и со Виктор Стојковски за тоа кои се ефектите од покачувањето на минималната плата во Македонија врз работењето на фирмите. Студијата е готова, завршена е, само треба да се објави. Истражуван е периодот од 2017 година со покачувањето на минималната плата. Резултатите од таа студија покажуваат дека нема никаков негативен ефект од покачувањето на минималната плата врз работењето на фирмите. Не се отпуштаат вработените, не се намалува профитабилноста на фирмите, нема друг негативен ефект. Единствениот ефект што се забележува е дека, кога ќе се зголеми минималната плата, фирмите стануваат попродуктивни и тоа е логично, зашто кога, на пример, ќе му ја зголемите платата на работникот од 10.000 на 12.000, ќе се чувствува позадоволен, ќе биде помотивиран и затоа ќе биде и попродуктивен. И фирмите добиваат. Тоа е резултатот од студијата и е направена за, буквално, сите фирми во Македонија, без разлика на дејноста. Тоа се однесува и на ова, ново зголемување што се најавува. Ова најавено зголемување на минималната плата нема да им донесе негативни ефекти на фирмите, туку, напротив, ќе им го подобри. Практично, една од причините зошто продуктивноста е лоша, се токму ниските плати. Тоа важи и за целиот Балкан, објаснува Јовановиќ.

Неосновано е противењето на работодавците дека покачувањето на минималната плата не е потребно во овие пандемиски услови на работење. Јовановиќ смета дека токму сега е неопходно, особено што е најавено покачување на цената на струјата. Битно е да се задржи животниот стандард. А и да не се продлабочува сиромаштијата. Нелогично е, смета Јовановиќ, некој да се „извлекува“ на пандемијата кога годинава ќе ја завршиме со економски раст од околу четири проценти, највисок последните 10-15 години.

-Јас не разбирам што значи „пандемиски услови“. Оваа година Македонија ќе има највисок економски раст во последните 10-15 години, од околу 4 проценти. Догодина се очекува растот да биде, исто така, 3-4 проценти. Тој пораст завршува ако не се зголеми минималната плата. Тој пораст ќе завршува само кај фирмите, односно ќе се зголемуваат само нивните профити. Пандемиски или пост-пандемиски период значи дека, всушност, треба да се покачи минималната плата. Економскиот раст е добар, но тој не може да завршува само кај газдите на фирмите. Мора дел од тој пораст да завршува и кај работниците. Од друга страна, пандемиски услови -да, но што се случува со инфлацијата? Владата ги замрзна цените, добро, но ќе има поскапување на струјата по Нова година. Не е прецизирано колку проценти. Кој ќе го плати тоа? Ако немате покачување на платите, сето тоа ќе влијае на стандардот на граѓаните, особено на посиромашните. Ќе се зголеми сиромаштијата. Македонија секако има рекордна сиромаштија во Европа – околу 500 000 луѓе живеат во сиромаштија, 100 000 граѓани живеат во екстремна сиромаштија, немаат леб да јадат, а дури 8 до 9 проценти од вработените (од околу 700 000) живеат во сиромаштија. Еден е од највисоките проценти во Европа. Сето тоа се аргументи во прилог дека мора да се покачи минималната плата. Така што, тие приказни дека сме во пандемија, во пост-пандемиски услови, сето тоа практично говори во прилог на тезата дека сега мора да се покачи минималната плата. Ако не се покачи, ќе имаме ситуација во која работниците и сиромашните ќе поминат најлошо, ќе бидат најмногу погодени, а побогатите, сопствениците на фирмите, дополнително ќе си го зголемат богатството, како што и обично го прават во сите други услови, вели Јовановиќ.

Областа за минималната плата е меѓу најистражувание за економските влијанија во светот. Има секакви студии, ама, смета Јовановиќ, доминираат оние дека зголемувањето има позитивни ефекти. Јовановиќ со пример за Австрија каде тоа се регулира со колективните договори.

-Како и во секое истражување, постојат студии што велат дека минималната плата има негативни, и постојат студии кои велат дека има позитивни ефекти. Но, според моето видување како економист, доминираат студиите кои велат дека минималната плата нема штетни ефекти, туку напротив. Оваа година, Нобеловата награда за економија ја доби човек кој се прослави со истражувањата во економијата, за минималната плата. Со многу истражувања тој покажа дека покачувањето на минималната плата не е штетно, туку е корисно. Во светската научна литература, иако има поделеност, сепак натежнуваат ставовите дека покачувањето на минималната плата нема штетни економски ефекти, туку позитивни. Примерот со Австрија е е интересен. Особено што во Австрија не постои законски минимална плата. Австрија и Скандинавските се едни од ретките земји во Европа, па и во светски рамки, кои немаат законска минимална плата. Минималната плата е дефинирана во колективните договори. Ги опфаќа 99 отсто од вработените. Колективните договори во Австрија се многу битни, синдикатите се многу силни. Синдикатите со работодавачите и заедно со Владата склучуваат колективен договор кој ги опфаќа сите, и приватниот и јавниот сектор. И според тоа, минималната плата изнесува околу 1.500 евра месечно, а просечната плата е околу 2 500 евра. Тоа значи дека минималната плата е околу 60 проценти од просечната. Тоа е повисоко отколку во Македонија каде е околу 50 проценти.. И, се разбира, нема никакви негативни ефекти во автриската економија. И многу се води сметка да се решат социјалните проблеми кои се речиси неприсутни. Има одлично здравство и образование оти е социјална држава и нема големи социјални разлики, објаснува Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Кон позитивните ефекти на зголемувањето на минималната плата се придружува и економскиот стручњак за пазарот на труд, професорот Димитар Николоски од Економскиот факултет во Прилеп.

– Она што претставува светски искуства од претходните периоди е тоа дека зголемувањето на минималната плата, напротив, многу ретко, или воопшто не извршила влијание врз вработувањето. Во прилог на тоа оди и последната Нобелова награда за економија, еден од добитниците-економисти е Дејвид Карт, кој заедно со Алан Кругер направиле истражување уште во далечната 1992 година во САД. Тогаш го истражувале покачувањето на минималната плата, поконкретно во државата Њу Џерси. Направиле споредба со соседната држава Пенсилванија каде немало вакво покачување на минималната плата и утврдиле дека покачувањето на минималната плата воопшто не влијае врз намалувањето на вработеноста. Единствено до што довело нивното истражување е дека покачувањето довело до зголемување на цените во крајните производи, што значи крајниот трошок може да го сносат крајните потрошувачи. Со други зборови, покачувањето на минималната плата воопшто не се одразува врз профитабилноста кај работодавците и единствено може да влијае на цените на крајните производи. Според наши искуства од Македонија, во изминатиов период од десетина години, кога за првпат е воведена минималната плата, немаме намалување на вработеноста, туку, напротив, имаме еден постојан нагорен тренд на зголемување на вработеноста и покрај тоа што минималната плата од нејзиното почетно ниво од 8.050 денари кога за првпат беше воведена од 2012 година и до ден-денес континуирано се зголемува, вели Николоски.

Зголемувањето на мининалната плата во голема мера може да ја зголеми платежната моќ кај најниско платените работници и да влијае на подигнување на животниот стандард. Единствено како потенцијален проблем од покачувањето на минималната плата е забрзување на т.н. инфлациска спирала. Затоа пристапот на Владата треба да биде внимателен.

-Препорачливо е зголемувањето да биде доста претпазливо и во најмала мерка да биде индексирано со порастот на трошоците на живот со инфлацијата, со цел да се одржи животниот стандард и платежната способност на најниско платените работници. Значи, зголемување да, на минималната плата, но со мерки да се скроти инфлаторниот тренд. Во кризни услови, како што е во моментов економската криза која произлегува од пандемијата, работодавците се погодени од кризата. Државата тука интервенираше со пет пакет мерки со кои успеаја да се задржат значителен број работни места. Меѓутоа, сведоци сме, по завршувањето на кризниот период, забрзано се зголемуваат и цените на производите и имаме потенцијално отворање на инфлациска спирала. Токму за да се заштити животниот стандард на најниско платените работници, неопходно е покачување на минималната плата, односно да го следи чекорот на порастот на цените. И, во најмала рака, потребно е да биде индексирана минималната плата со индексот на порастот на цените. Во тој случај, нема оправданост спротивставувањето во однос на зголемувањето на минималната плата, заклучува професорот Николоски.

Недвосмислено е, а поткрепено и со анализи и факти: (тука е и Нобеловата награда за економија), работникот треба да добие зголемена минимална плата за да има мотив за работа. Експертите се придружуваат на онаа народната: „Колку пари, толку музика“. Односно, платениот работник е продуктивен: Носи пари за себе и за „газдите“. А треба да добие за сработеното. Реално.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата против предлогот на СДСМ за измена на Законот за минимална плата

За зголемување на минималната плата ќе се дискутира в четврток на Економско-социјалниот совет

СДСМ: Нема повисоки плати за работниците, но има за бизнис класа од 20.000 евра за Мицкоски

Горан Наумовски

Мицкоски: Ја разбирам потребата за зголемување на платите, синдикатите да не наседнуваат на политичките кампањи на СДСМ

Наставниците следната година ќе добијат 12 отсто покачување на плата

Горан Наумовски

Покачувањето на минималната плата е регулирано со закон, сакаме богати и среќни работници, порача Мицкоски