Судиите на Апелација, Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов кои донесоа решение дека Сашо Мијалков може да излезе од притвор со хипотека на имот вреден 11.106.501 евра, се истите кои во јуни му ја одбија гаранцијата која се состоеше скоро од истиот имот и тежеше 10.871.170 евра. Пред шест месеци тие беа децидни дека Мијалков може да избега, наведуваа факти и докази на што го темелат мислењето и го оставија во притвор во затворот во Шутка. Во решението од пред два дена, тие нивни сомнежи ги нема и во него не се цени дека тој е веќе неправосилно осуден на 20-годишна затворска казна по два предмети. Со 235.331 евро поголема гаранција од претходната, истите судии се убедени дека Мијалков нема да избега.
Ако во јуни, во образложението на решението е наведено дека постои реална опасност Мијалков да избега доколку се брани од слобода, со посочување дека еднаш не бил достапен 24 часа за да биде спроведен на издржување мерка притвор, сега овој аргумент на тројцата судии исто така го нема. Сега, во решението донесено пред два дена, стои дека тој има потесно семејство во кое е родител, дека е познат и со утврден идентитет, се цени тежината на делото. Разликата помеѓу двете одлуки е и тоа што овојпат, истите судии, за разлика од претходно, не го земале во предвид фактот дека Мијалков има две неправосилни осудителни пресуди за предметите „Таргет-тврдина“ и „Трезор“, со вкупно 20 годишна затворска казна. Не се цени ниту дека против него се водат и други кривични предмети.
„Ова дотолку повеќе што со неправосилната пресуда е осуден на казна затвор во траење од 8-осум години, која постапка е во фаза на жалбена постапка, а воедно и со друга неправосилна пресуда е осуден на казна затвор во траење од 12 години, како и фактот дека против обвинетиот се водат и други кривични постапки. Имајќи ги во предвид сите наведени околности и по оценка на советот на овој суд правилно оценил првостепениот суд дека укажуваат на постоење на причините што како законски основ за мерката притвор“, стои во решението од јуни.
Шест месеци подоцна, истите судии не ги ценат другите постапки кои се водат против Мијалков, ниту пак, неправосилните пресуди чија вкупна казна е 20 години затвор и наведуваат: „По оценка на овој совет, основани се жалбените наводи на обвинетиот дека првостепениот суд при донесување на обжаленото решение погрешно утврдил дека понудената гаранција не преставува вредносно обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на постапката“.
Засега, нема објаснување од Кривичниот совет составен од трите судии, Милева, Беџети и Ристов, за тоа зошто се земени во предвид овие факти, кои претходно биле и одлучувачки Мијалков да остане во притвор поради опасност од бегство.
Бидејќи на Мијалков од Кривичниот суд му е одредена мерка притвор за предметот „Плацови на Водно“, неговата одбрана поднесе нова жалба до Апелација. „А1он“ се обрати во второстепениот суд, од каде ни кажаа дека предметот се уште не е пристигнат. Па така, не се знае дали по третпат, судиите Милева, Беџети и Ристов ќе одлучуваат за слободата на Мијалков.