Со заем од ЕИБ ќе се реализира гасоводот од грчката граница до Неготино

Од:

Европската инвестициска банка (ЕИБ) обезбеди заем од 28,9 милиони евра за изградба на делницата во земјава на гасниот интерконектор со Грција. Заемот од ЕИБ е надополнување на грантот од 12,4 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) за техничка помош и имплементација на проектот.

Договорот за заемот за реализација на делницата долга 68 километри, која почнува од границата близу Гевгелија и завршува близу до Неготино, вчера го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и потпретседателката на ЕИБ одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова. Оваа инвестиција ќе придонесе за диверзификација на енергетските извори и сигурност на снабдувањето со енергија, обезбедувајќи социоекономски развој и интеграција во енергетскиот пазар во регионот и ЕУ.

Како банка на Европската Унија и дел од Тим Европа, ЕИБ со задоволство го поддржува овој приоритетен проект на ЕУ, дел од Економскиот и инвестицискиот план и клучен за националната енергетска стратегија на Северна Македонија, порача Павлова по потпишувањето на договорот.

-Проектот отвори пристап до различни извори, ќе го осигури снабдувањето во случај на недостиг и ќе ја зголеми конкурентноста на пазарот преку поврзување со сè подиверзифицираниот пазар на природен гас во Грција. Бидејќи е приоритетен проект за Европската Унија и иницијативата Енергетска поврзаност на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), ќе му помогне на регионот постепено да ја намалува употребата на јаглен, додека притоа се зголемува поврзаноста и се создаваат услови за заеднички регионален пазар и привлекување нови инвестиции, рече Павлова.

Министерот за финансии Бесими посочи дека гасниот интерконектор со Грција е меѓу најприоритетните проекти за двете земји, регионите, како и за Енергетската заедница.

-Имплементацијата на овој проект ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во областа на индустријата, и така ќе придонесе за економски раст на сите региони во Република Северна Македонија. Проектот „Гасен интерконектор Грција – Северна Македонија, Дел во Северна Македонија“ е од стратешко значење за Република Северна Македонија. Неговата имплементација ќе придонесе за обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и подобар квалитет на живот на граѓаните, рече Бесими и изрази благодарност за континуираната поддршка што ЕИБ ја дава на земјава.

Извршниот директор на АД НЕР, Бајрам Реџепи потенцира дека потпишувањето на договорот и партнерството со ЕИБ за изградба на интерконекторот за природен гас со грчкиот оператор ДЕСФА, е од огромно значење за развојот на енергетскиот сектор во земјава, но и за целиот регион.

-Овој проект ќе ни овозможи да ги диверзифицираме и стабилизираме нашите извори на снабдување и ќе ни овозможува да имаме пристап до поконкурентен пазар на природен гас. Ние правиме максимални напори да изградиме колку што е можно повеќе мостови и да урнеме колку што е можно повеќе бариери, посочи Реџепи.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Штефан Худолин рече дека гасниот интерконектор со Грција е важен и од политички и од економски аспект.

-Со инвестирање над два милиона евра во подготовка на проекти и 12,425 милиони евра во изградба на приклучната линија, Европската комисија покажува дека останува посветена на спроведувањето на Економскиот инвестициски план. Инвестирањето во клучната инфраструктура е услов за раст и одржлив развој на земјата. Инвестирањето во природен гас во Северна Македонија треба да се гледа како преодна мерка за да се овозможи постепено преминување кон обновливи, зелени и чисти извори на енергија, подобрување на животната средина и обезбедување енергетска сигурност на долг рок, потенцира Худолин.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) е институција за долгорочно кредитирање на Европската Унија во сопственост на нејзините земји-членки. Банката на ЕУ е активна во земјава од 1977 година и има инвестирано една милијарда евра, претежно во мали и средни претпријатија и секторот за транспорт. Од почетокот на пандемијата во 2020 година, ЕИБ кај нас има инвестирано 144 милиони евра под иницијативата Тим Европа за побрзо закрепнување на малите и средни претпријатија и развој на клучната инфраструктура.

Би можело да ве интересира

Потпишан Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Србија

Дали Русите ќе ги загрозат подморските кабли: Во САД загрижени за движењето на подморниците

Предраг Петровиќ

Одбиено барањето на Унагарија и Словачка за санкциите кон Лукоил

Експлодираше гасовод во регионот на Харков

Голем интерес за тендерот за гасоводот Грција – Македонија

A1on

„Енерџи прес“: До крајот на месецов Грција ќе го објави тендерот за изградба на интерконекторот со Северна Македонија