Осигурениците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, фирмите, здравствените установи и здравствените работници кои имаат склучено договор за соработка со Фондот можат да ги користат новите електронски услуги или веб-порталот.
Веб-порталот на ФЗОМ има за цел неговите корисници подобро, полесно и побрзо да пристапат до податоци за своето осигурување, да ги завршат своите обврски кон задолжителното здравствено осигурување и да остварат услуги за правата кои им произлегуваат од здравственото осигурување.
На почетокот порталот ќе обезбеди дел од услуги кои до сега можеа да се добијат само на шалтерите во подрачните служби на Фондот.
На денешната прес-конференција директорот на ФЗОМ Јован Грповски потенцира дека со воведувањето на електронските услуги осигурениците на Фондот нема да имаат потреба да ги подигнуваат сините картони, туку електронски ќе може да ја вршат проверката на статусот на нивното осигурување, осигурувањето на своите членови, податоци за избраните лекари по општа медицина, стоматологија и гинекологија за себе и за своите членови помлади од 14 години.
– Овластените лица од фирмите ќе може да ги пријавуваат или одјавуваат вработените преку интернет со користење на дигитални потписи, без да доаѓаат во подрачните служби на Фондот. Матичните лекари ќе можат електронски да ги пријавуваат новите пациенти и постојано да имаат увид. Осигурениците може да вршат избор и промена на матичен лекар, директно кај новиот лекар, без да доставуваат пополнети хартиени обрасци во подрачните служби на Фондот. Веднаш избраниот лекар ќе може да ја регистрира таа промена електронски, рече Грповски.
За лицата кои немаат добиено електронска здравствена картичка има можност лекарот електронски дигитално да го потпише ИЛ образецот, со неговата електронска здравствена картичка.
Претседателот на Здружението на приватни лекари д-р Лилија Чолакова Дервишова истакна дека веб порталот е една одлична алатка што подолго време ја барале од Фондот.
– Има огромни бенефити за сите страни. Секој пациент кој ќе има електронска здравствена картичка ќе може без проблеми да се пријави кај докторот кој го избрал да се грижи за неговото здравје. Здравствените работници, во моментот кога пациентот станува нивен, нема да имаат потреба да одат до Фондовите за да ги пријавуваат истиот ден, рече Чолакова Дервишова.