Во сабота на 25 декември културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце ќе одржи Новогодишен концерт, што претставува заокружување на годинашните настапи. Концертот ќе се одржи во спортската сала на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Теарце.
-И оваа година го збогативме нашиот репертоар со ора и песни, од повеќе етнички предели во Македонија, а како кореографски постановки има можност да се проследат ората „Жетварка“, „Драчевка“, „Раштак“, „Посеље“, „Водарки“ и сценската адаптација од Долни Полог. Гости на концертот се КУД „Извор“ од Јегуновце и зурли и тапани „Ќустек“. Ги повикувам сите да дојдат и да ги видат овие млади таленти, вљубеници во орото и песната, бидејќи има што да ни покажат и има што да научиме од нив кога станува збор за начинот на негување и зачувување на традиционалната музика и игра, изјави Сашо Костадиновски, етнокореолог во Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“.
Почетокот на концертот е закажан за во 17 часот, а присуството е возможно согласно протоколите за заштита од Ковид-19 со прикажување на сертификат за вакцинација.