Димитров: За евентуално решение со Бугарија мора да расправа и Собранието

Од:

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров смета дека секое решение до кое би дошле Северна Македонија и Бугарија, а кое би овозможило кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ, би требало да дојде пред пратениците во Собранието. Со ова се согласија и пратениците од опозицијата и власта кои денеска на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции расправаа за заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија за проширувањето.

-Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес мислам дека има логика и ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на некаква валидација во нашиот Парламент, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Соња Мираковска од НСДП се согласува со вицепремиерот Димитров, и додава дека во решавањето на спорот со Бугарија од ЕУ се бара да бидат изричито почитувани човековите права и правото на самоопределување. Права, кои, како што нагласи, нам ОН како и на сите други нации им ги дава. Според неа, само на тој начин може да се реши спорот.

– Тоа е единствениот начин да почнеме по патот кон Европската Унија. Мислам дека можеме, но на тој пат, да ве замолам да бидеме единствени. Се согласувам со она што го кажа Димитров, а и дел од колегите од опозицијата – да, овде во Собранието ќе мора да се расправа за чекорите кои се прават и тука треба да се донесат важните одлуки. Процесот треба да биде потранспарентен, се разбира онолку колку се може и пратениците треба да знаат што се случува, рече Мираковска.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николовски, кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во расправата истакна дека недостига здрава дебата и здрав консензус меѓу политичките партии, дека се злоупотребува процесот на пристап на земјава во ЕУ од страна на власта.

-Бесрамно тој процес се злоупотребува континуирано со цел одредени политички структури да останат на власт, но и да се отворат нови процеси како Отворен Балкан, кои имаат пред себе многу прашалници за кои нема одговори, а се однесуваат на иднината на државата и на регионот и стабилноста на границите, рече Николоски.

Во врска со спорот со Бугарија, Николовски нагласува дека има впечаток оти не постои посериозен притисок врз Бугарија.

-Постои декларативен пристисок и на зборови, тоа го гледаме сите, но, сериозен политички притисок врз Бугарија не гледаме во изминативе години. Затоа можам да се согласам со Димитров дека какво било решение треба да дојде и да се усвои во македонското Собрание, но, прашањето кое ми се поставува е дали ќе има било какво решение бидејќи нема притисок врз другата страна. Ако се очекува дека решението ќе е само со конкретен притисок со нашата страна мислам дека тоа се нереални очекувања, рече Николовски.

Пратеникот Антонио Милошоски смета дека земјава и со последните заклучоци на Советот на ЕУ не го добила она што го заслужува од 2009 година. Ако пред неколку години изговор беше соседна Грција, нагласи, сега изговор е соседна Бугарија.

– Иако се смета дека ова не е координирано или дека се самостојни потези на поедини соседни земји членки, сметам дека тоа е во една добра дискретна координација со повлијателни актери во ЕУ, затоа што процесот на проширување очигледно е дека во последните 10 години не е, барем не за сите, приоритетен или суштински процес на ЕУ, рече Милошоски.

Тој не е оптимист дека нешто ќе се промени во оваа насока во наредната година. Затоа, нагласи, сите заедно треба да работиме да се исполнат рефорите и да се постигне напредок, за кога ќе нема политички опструкции земјава да ги почне преговорите без кој било да има реална замерка дека ништо не сме исполниле од условите.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ смета дека решение за спорот со Бугаија може да има, ако има волја на двете страни.

-Мојот став е дека со политичка волја на двете страни билатералниот спор со Бугарија би можел да се реши доколку ги надминеме разликите за време на француското претседавање со Унијата кое почнува во јануари следната година, рече Адеми додавајќи дека тоа не би било во интерес само на нашата земја, туку и на Европската унија.

Побара заедно да се работи на овој процес, а не тој да се претвора во политиканство и можност за добивање политички поени.

Земјите-членки на ЕУ на заседанието на Советот за општи работи (ГАК) на 14-ти овој месец, не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Никола Димитров нападнат додека пазарел, вели „болно ни е општеството“

А1он