Боровата шума околу манастирот Света недела во Штип повторно стана цел на дивите сечачи.
Полските чувари што ги ангажираше Општина Штип пред околу два месеца за да ја спречат нелегалната сеча на боровата шума во текот на изминатото деноноќие заплениле 90 парчиња борови стебла со должина од 4 метри.
Дел од „пленот“ е пронајден во двор на улицата „Широк Дол“, каде што требала да се изврши продажбата на боровите стебла. За стеблата сторителите требало да добијат 6500 денари од сопственик на куќа во изградба на оваа улица.
Според информациите што ги добивме од полските чувари, сторителите на ова противзаконско дејство се лица од ромска националност, кои и од порано им биле познати на органите запрогон.
Дали во извршувањето на ова кривично дело биле вмешани и трети лица ќе се утврдува. Она што е познато е дека против сторителите што чуварите ги фатиле при нелегалната сеча ќе биде поднесена кривична пријава.