Мојот став е дека „Отворен Балкан“ по претпоставка да ги вклучи сите шест држави може да биде само една од алатките, само еден од инструментите за подобрување на регионалната економска и трговска соработка, значи не политичка, и „Отворен Балкан“ може само да биде дел од Берлинскиот процес, изјави претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, прашан зошто ја поддржува оваа иницијатива.
Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, бидејќи тоа е иницијатива која има институции, која има ресурси, а тие две работи, како што рече „Отворен Балкан“ засега ги нема и кое е еден вид на амбрела иницијатива во која сите други може да бидат добронамерни иницијативи.
– Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини, рече Пендаровски.
Тој потсети дека на почетокот изразил резерви за „Отворен Балкан“ во 2019 бидејќи сметал оти ако тоа е обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членство во ЕУ ќе бил против, но откако добил уверување од премиерите вклучени во иницијативата дека нивната идеја не е таква, ја поддржал иницијативата.
– Тоа беше во моментот кога не беше лансирана иницијативата. Денес го кажувам она што го повторувам на сите мои странски соговорници изминативе две години дека таа иницијатива е фалична од самиот почеток бидејќи наместо да учествуваат шест држави и сите шест држави од Западен Балкан учествуваат само половината. И мојот став и понатаму ќе биде дека се додека таа иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна, оцени Пендаровски на прес-конференцијата со претседателката на Косово Вјоса Османи.
На новинарско прашање зошто не ја поддржува иницијативата, косовската претседателка рече дека нивниот став е јасен – не ја поддржуваат иницијативата бидејќи според нив, не е заснована на принципите на меѓусоседската соработка и не го прифаќа принципот на еднаквост на сите шест држави од Западен Балкан, бидејќи Србија не го признава Косово, и Република Косово да се третира на еднаков начин како и другите држави во регионалните иницијативи.
– Косово има големи резерви во врска со политичките аспекти и целите на оваа иницијатива, т.е. на Србија. Има исто резерви од економски и безбеден аспект и исто така стремежот е да се користи како простор за да се влече евроинтеграцијата, а не да се забрза евроинтеграцијата која што е наша цел. Затоа Берлинскиот процес е единствената наша цел и затоа што не гледаме никаква причина да има тенденции за дуплирање и во сите други иницијативи, изјави Вјоса Османи.