Во Прилеп промовирана книгата „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“

Од:

Во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ денеска беше промовирана книгата „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“ од драмскиот автор, и редовен академик во Руската федерација, Зоран Пејковски.

Книгата говори за драмското творештво на великанот Блаже Конески од агол кој не е често користен, издание кое е значајно и според предметот на истражувања и според резултатите кои ги нуди.

Според авторот Пејковски, досега не сретнал никој да се осврне на драмското творештво на Конески. Има само една едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“ од Конески која е одиграна само еднаш во МНТ со Петре Прличко во главната улога.

-Досега никој од македонските автори, истражувачи, филолози нема пишувано за драмската присутност на Блаже Конески. Јас како човек кој се занимава со театарот, театрологијата се обидов да најдам една нитка, еден сегмент за Блажета, проучувајќи ја неговата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“. По долги години ја пронајдов таа книшка. Истражувајќи низ архивите кај професорите Друговац, Александар Алексиев, никаде не сретнав за посебноста на драмата кај Блаже Конески. Треба да се напомене дека Блаже Конески има три драмски текста, двата се загубени и ова е последниот и единствен драмски текст кој се има играно во МНТ во 1945 година, со главна улога на Петре Прличко. За жал, само еднаш е одиграна, зашто во 1945 година во Скопје доаѓа црногорскиот функционер и книжевник Зоговиќ кој вели дека не треба да се полемизира на оваа тема, вели авторот.

Според него, оттогаш, Блаже Конески прекинал со тие драмски творби и драмски книжевни осврти и се насочува кон науката.
-Конески тогаш бил мудар, бидејќи во едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ има комедија на ситуации, на интриги, за првпат се користи политичкиот театар, но ова е друга димензија во тој период, во 1945 година. Тоа остава впечаток за младата драматуршка форма, зашто овие „агитки“ се една појдовна основа за интерпретирање на театарската приказна. Инаку, едночинката единствено е објавена во библиотеката на „Остен“, додава авторот Пејковски.
За промоторот д-р Мишел Павловски од Институтот за литература, храбро е од авторот да говори и да има критички осврт на драмската присутност на великанот Конески.

-Секогаш е задоволство, особено во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, да се зборува за Блаже Конески и за дела кои критички се навраќаат на делото на Конески. Имам речено дека е храбро од авторот Зоран Пејковски што одбира едно од делата на Учителот кои не се обработени, за кои се нема многу зборувано, да се наврати, критички да го анализира, уште повеќе овој текст критички да го збогати и со сеќавања за Конески од други реномирани автори од македонската култура, рече Мишел Павловски на промоцијата на книгата „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“.

Би можело да ве интересира

Новата книга од Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“ ќе биде промовирана во МКЦ

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп