Британската економија порасна за 0,1 отсто на месечна основа во октомври, што е помалку од очекуваното, објави денеска Националното биро за статистика. Бруто домашниот производ на Британија е за 0,5 отсто помал од февруари 2020 година, последниот месец пред воведувањето на карантин во земјата поради Ковид-19.
Економистите предвидуваа раст од 0,4 отсто во октомври. Индустриското производство падна за 0,6 отсто, како резултат на остриот пад на производството на електрична енергија и гас и на рударството
Производствениот сектор стагнира поради проблемите со синџирот на снабдување и недостигот на работна сила. Градежната индустрија забележа највисока стапка на пад од април 2020 година, од дури 1,8 отсто во однос на септември. Слабите показатели веројатно ќе ги подигнат очекувањата дека Банката на Англија следната недела повторно ќе одлучи да ги задржи каматните стапки непроменети, и покрај фактот што неодамна посочи дека е на пат кон нивното прво зголемување од избувнувањето на пандемијата.