Имамите од пакистанскиот град Карак, во провинцијата Хајбер- Пахтунхва, им забранија на жените сами да одат на пазар, пренесоа светските агенции.
Одлуката била донесена на нивна средба во локална џамија во градот, а според неа жените во продавници и по пазари треба да се придружувани од роднина од машки пол од нивното семејство, бидејќи во спротивно ќе бидат уапсени.
Продавачите, исто така, ризикуваат казни доколку им продаваат стоки на жени кои не се придружувани од маж.
Правилото наликува на оние од ерата на владеењето на талибанците во соседен Авганистан. Не е познато дали во наметнувањето на забраната своја улога имале и пакистанските талибанци.
Имамите, кои ја наметнале забраната, се сретнале со локални полициски претставници, за да инсистираат да им помогнат во примена на нивната одлука. Полицијата го одбила барањето, затоа што е противзаконски некому да му се попречува да оди на пазар.
Пакистански организации за заштита на правата на жените подвлекуваат дека забраната е прекршување на фундаменталните човекови права.
Според еден од имамите, кој ја донел забраната, жените кои се движат сами, особено за време на светиот месец Рамазан, поттикнуваат се повеќе вулгарни мисли.