Комисијата за спречување и заштита од дискриминација смета дека унапредувањето, но и заштитата на правата лицата со попреченост во земјава многу слабо напредува и оти треба да се направи се тоа да се промени. Затоа, како што посочуваат, денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост – 3 Декември сакаат да го одбележат со упатување на четири препораки до надлежните институции, кои се резултат на работа по претставки кои до нив ги поднеле лица кои не можеле да си ги остварат правата.
-Препораките ги носиме врз база на претставки што сме ги работеле и сме заклучиле дека со истиот проблем се соочуваат поголем број лица. Тогаш законот ни овозможува самоиницијативно да упатиме општа препорака и да го следиме нејзиното спроведување. За жал, мислам дека многу слабо се напредува во заштитата на постојните права и нивното унапредување, рече на денешната прес-конференција претседателката на Комисијата Весна Бендевска.
Главно и основно, нагласи таа, во државата се уште нема регистар колку лица со попреченост има, во кои делови и со каков вид на попреченост се соочуваат. Но, додаде, работите не треба да се остават така.
Затоа од Комисијата бараат Министерството за труд и социјална политика во најкус рок да формира регистар на лица со попреченост според степен и вид за да може да се проектираат реални и ефикасни политики и мерки. Се бара и сите одредби од Конвенцијата за заштита на овие лица да бидат вградени во домашното законодавство и тоа во што покус период.
Од Комисијата, меѓудругото, бараат Министерството за здравство во најкус рок да ја исполни клучната обврска од Акцискиот план за 2021 за обезбедување пристапност и достапност до здравствените установи и услуги, да ги информира лицата во однос на процесот на имунизција во формат прилагоден на нивните потреби, како и да издава потврди за оние лица кои пради својата попреченост не може да бидат вакцинирани.
Членовите на оваа Комисија работејќи по претставка упатуваат и препорака за унапредување и заштита на човековите права и достоинство на осудените лица со попреченост. Од Министерството за правда бараат да го дополни Законот за извршување на санции со прецизирање и класификација и начинот на третман на осудените лица во зависност од попреченоста. Управата за извршување снакции, пак, треба да обезбеди финансиски средства и да направи план за да овозможи целосна инфрастрктурна пристапност во објектите каде ја отслужуваат казната со цел да можат да ги остварат своте права.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, донела и општа препорака до Државната изборна комисија што побрзо да ги преземе сите потребни дејства во насока на обезбедување пристапност и соодветно приспосубување на гласачките места, со што како што велат, ќе се овозможи еднаков пристап на овие лица до и во гласачките места ширум земјата.