Министерката за култура, Ирена Стефоска денеска ги информираше вработените во НУ Театар комедија дека согласно Законот за култура, денеска е објавен јавниот оглас за нов директор на таа институција со полн мандат од четири години.
Од Министерството за култура соопштија дека било договорено за време на траењето на огласот, што е 15 дена, в.д.директор на установата да биде актерката, од редот на вработените, Магдалена Ризова Черних, а уметнички раководител да биде драматургот Дарко Јан Спасов.
-Министерката Стефоска и вработените во НУ Театар комедија се договорија во следниот период да го одржат професионалното ниво на соработка и високото реноме на институцијата. Министерката Стефоска и вработените во НУ Театар комедија изразуваат искрена желба на јавниот оглас да се пријават сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите, и најквалитетниот кандидат да биде избран за директор со редовен мандат. На тој начин, еден од омилените театари во земјава ќе продолжи со успешниот репертоар, за кој низ годините се бара карта повеќе, стои во соопштението.