Католичките свештеници во Шри Ланка денеска одржаа протест пред седиштето на полицијата во главниот град Коломбо против сослушувањето виден свештеник на католичката заедница во оваа земја, јави ДПА.
-Свештеникот Цирил Гамини Фернандо изрази загриженост поради неуспехот на полицијата да ги заврши истрагите за повеќекратните самоубиствени напади во неделата на Велигден во 2019 година, изјави портпаролот на црквата.
Повеќе од 200 свештеници денеска застанаа во ред во близина на седиштето на полицијата држејќи во рацете транспаренти со сликите од 271 лице убиено во нападите и читајќи молитви.
Пречесниот отец Фернандо денеска, трет ден по ред, беше повикан во полицијата да даде изјава за неговите коментари за самоубиствените напади, во кои беа погодени три цркви и три хотели.
Директорот на Државната разузнавачка служба (ШИС), генерал-мајор Суреш Салај, се пожали на свештеникот откако овој изнесе обвинувања дека разузнавачката служба му дала финансиска и друга помош на лидерот на напаѓачите самоубијци пред бомбашките напади.
-Зошто свештеникот треба да биде испрашуван од полицијата кога е нивна должност да ги открие одговорните за нападите и да донесе правда за погодените семејства, рече свештеникот Џуд Кришанта.
Отецот Фернандо инсистира на тоа дека ги коментирал само информациите што веќе излегле на виделина во комисиите што ги истражувале бомбашките напади.
Фернандо водеше кампања за правда за семејствата погодени од бомбашките напади бидејќи повеќето жртви беа католици.