Илјадници Тигрејци притворени низ Етиопија, оценува невладина комисија за човекови права

Од:

Илјадници лица се приведени во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, откако владата прогласи вонредна состојба поради ескалацијата на војната во северниот дел на земјата, процени невладината организација „Етиопска комисија за човекови права“.

Како што се наведува, етничките Тигрејци се приведуваат само поради нивниот идентитет.

Ова е најголемата проценка за бројот на приведени лица од 2 ноември, кога тимови од волонтери почнаа да шетаат по улиците на главниот град на Етиопија во потрага по Тигрејци за кои постои сомневање дека ги поддржувале силите на Тигреј, кои веќе една година водат жестоки борби против етиопската армија.

Комисијата изрази сериозна загриженост дека не може да собере целосни податоци за приведените, наведувајќи дека само во едно предградие на Адис Абеба се приведени 714 лица.

Втор тим за надзор откри дека уште 300 лица се приведени во источниот град Дире Дава, објави организацијата.

Властите не прават доволно за да ги оправдаат причините за овие притворања, наведуваат од оваа невладина организација.

„Голем број уапсени се со потекло од Тигреј“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека меѓу уапсените има и постари луѓе и мајки со мали деца.

Надзорните тимови на комисијата можеа да ги посетат притворските центри, од кои некои биле преполни и без тоалети, а многумина од притворените немаат пристап до здравствена заштита, соопшти комисијата.

Етиопската влада соопшти дека приведува луѓе осомничени дека ги поддржуваат силите на Тигреј, но очевидци, адвокати и групи за човекови права изразија загриженост дека владата со овластувањата што ги доби со вонредната состојба во земјата приведува луѓе само врз основа на нивната етничка припадност.

Американските медиуми потврдуваат дека меѓу приведените има и Американци и Британци, а приведени се и претставници на ОН.

Канцеларијата на ОН за човекови права вчера цитираше извештаи дека властите привеле најмалку 1.000 лица во Адис Абеба, северните градови Гондар и Бахир Дар и на други места.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на соседна Кенија, денеска изјави дека луѓето треба да бидат ослободени.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Брод со украинска пченица стигна во Етиопија: „Испраќаме храна, испраќаме надеж

Тедрос: Мали се шансите да се спречи геноцид во Тиграј

Ана Ололовска

Бунтовниците од Тиграј се согласија на мировни разговори со етиопската Влада

Ана Ололовска

ТПЛФ подготвен за мировни преговори со Владата на Етиопија

Ана Ололовска

УНИЦЕФ го осуди етиопскиот воздушен напад врз градинка во бунтовничкиот Тиграј

Пилоти заспале на висина од 11.000 метри, контролата не можела да ги контактира

А1он