Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Пленковиќ, по одбивањето на грчкиот премиер Андонис Самарас за директни преговори со претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, во изјава за дописникот на МИА од Брисел потврдува, кој е единствениот проблем што стои на патот на Република Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Иако во писмото-одговор на грчкиот премиер се наведува дека “Унијата, а не Грција, ја блокира Македонија“, европратеникот Пленковиќ го разбива ова тврдење на Самарас.
– Го разбирам проблемот што стои на патот на Македонија за отворање на пристапните преговори, бидејќи не станува збор само за името, туку и за прашањето на идентитетот. За жал, со вашиот пример се покажува дека правилото за едногласно одлучување на ниво на Совет на ЕУ не оди во прилог за едноставно решение на проблемот кој го имате со Грција, конкретен е Пленковиќ, кој е дел од мнозинската Европска народна партија (ЕПП) во Европарламентот.
Според хрватскиот европратеник, ситуацијата која трае долги години во однос на Македонија и Унијата, не е корисна за никого и тој вели дека жали што Европскиот совет не ги следи препораките на Европската комисија, но дека е потребно да се продолжи со дијалогот “со сите релевантни актери“.
На прашањето дали очекува ЕУ да успее да ја убеди својата држава-членка Грција да не го блокира отворањето на преговорите со Македонија и дали е во најмала рака фер да се користи правото на вето за да се блокира земја што осум години е кандидат и четири години по ред добива позитивни препораки од Комисијата, Пленковиќ со дециден одговор:
– Мој принципиелен став е дека билатералните прашања што не се поврзани со европското законодавство не треба да се мешаат со пристапниот процес на која било земја-кандидат за членство во ЕУ. Хрватска немаше добри искуства кога некои наши соседни земји-членки на Унијата, некои отворени билатерални прашања што немаа врска со правото на ЕУ, сепак ги ставија во контекст на хрватските преговори за членство. На крајот најдовме решение, но сепак загубивме драгоцено време за економски развој на земјата, вели Пленковиќ.
Тој изразува надеж дека “ќе дојде до позитивен развој во однос на отворање на преговорите со Македонија“.
– Најважно е вие да продолжите со сите реформи и подготовки за преговори за членство, како и исполнување на политичките, економските и секторските критериуми. Во исто време, се надевам и на некакви резултати од билатералните контакти со соседната држава, додава хрватскиот пранетик во Европскиот законодавен дом.
Пленковиќ, кој досега беше само набљудувач во ЕП, неколкупати остро ги бранеше позициите на Македонија во Европарламентот, со што ги освои симпатиите на македонската јавност.
Тој ветува и дека и сега, како полноправен член на законодавниот дом на ЕУ, ќе делува во насока за усвојување на позитивни извештаи и резолуции за пристапување на Македонија кон Унијата. За оваа своја агенда, хрватскито европратеник потенцира и дека ќе се консултира и ќе бара поддршка и во најголемата партија во парламентот – ЕПП.
– Хрватска и Македонија се пријателски држави и имаат развиено соработка на европските прашања, како и редовен дијалог за важните политички и економски движења во Европската унија. Мислам дека Хрватска, сега како членка на ЕУ, силно ќе ги поддржува напорите на Македонија за што поскоро отворање на преговорите за членство, а и ќе продолжи со давање стручни експертизи за голем дел од аспектите од процесот на пристапните преговори, вели Пленковиќ, запрашан дали на неговата земја сега ќе и бидат поважни новите партнери внатре во ЕУ, за поддршка во идното вклучување во Шенген-зоната и во еврозоната, или ќе ги поддржува и старите приајтели од екс-Југославија и Балканот.
– Со сите партнери внатре во ЕУ, Хрватска ќе развива добри односи и ќе воспоставува квалитетна соработка, вклучително и на теми како исполнување на критериумите за пристапување кон Шенгенскиот простор, а за неколку години и во Еврозоната, потенцира хрватскито европратеник Андреј Пленковиќ.