Ученици од Општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје во рамки на изучувањето на предметот Општество за IV одделение, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Учениците го запознаа претседателот Пендаровски со областите кои ги изучуваат и со нивното предзнаење за општественото уредување на Северна Македонија.
– Тие се интересираа за неговите секојдневни обврски, како и за надлежностите на неговата функција. Прашуваа за референдумот во 1991 година и создавањето на независноста, за досегашните претседатели. Претседателот Пендаровски поздравувајќи ја посветеноста на наставниот кадар во изнаоѓањето на креативни форми и начини за поттикнување интерес кај учениците, ја нагласи важноста од континуирано практично унапредување на процесите во основното образование, како темел и клучен предуслов за продуцирање одговорни и прогресивни личности коишто ќе даваат значаен придонес во развојот на нашето општество, соопшти Кабинетот на шефот на државата за посетата на учениците, која е во рамките на проектот „Отворен кабинет“.
За време на посетата учениците имаа можност да престојуваат во просториите во коишто се реализираат официјалните средби, како салите во коишто се организираат свечености, настани и прес-конференции. Се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот од кои беа информирани за историјатот на објектот, каде што е сместен Кабинетот, како и за начинот на функционирање на оваа институција.