Четири премиерлигашки клубови (Манчестер јунајтед, Тотенхем, Манчестер сити и Челзи) и еден од Чемпионшип лигата (Кардиф) добија дозвола од 1 јануари 2022 година да користат места за стоење на своите стадиони, соопшти денеска британската Влада.
Пред повеќе од 25 години беше пропишано фудбалските стадиони на клубовите, кои се натпреваруваат во највисоките лиги во Велика Британија да користат само места за седење. Таа одлука уследи по истрагата за трагичните настани на стадионот Хилзбороу на кој во 1989 година поради преоптовареност на трибината предвидена за навивачи на Ливерпул загинаа 97 луѓе.
– Задоволство ми е да ја одобрам лиценцата за овие пет клубови, кои во вториот дел од сезоната ќе имаат на своите стадиони безбедни места за стоење. Сега е вистинското време на вистински начин да се тестира безбедноста на секторите за стоење во Премиерлигата и Чемпионшипот, спроти евентуалната одлука за широка примена, изјави британскиот министер за спорт Најџел Хадлстон.