(ВИДЕО) Ковачки: Не може СДСМ кои ја создадоа кризата, да бидат решение за истата, народот избра промени – Ајде Заев на избори

Од:

„Зоран Заев ја заглави државата во систематска криза – енергетска, здравствена и економска. Зоран Заев и владата се причината за сите неуспеси кои ни се случуваат изминативе години, и тие не може да бидат решение. 7.000 луѓе починаа од КОВИД, имаме најголема смртност во Европа, 14 луѓе живи ни изгореа, вакцини немавме, над 60.000 луѓе останаа без работа, 5.600 фирми ставија клуч на врата, Македонија е на врвот на листата по перцепција за корупција на Транспаренси. Државата тоне со СДСМ“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Народот на изборите во недела јасно се изјасни за промени, и во огромен број ја даде својата поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата. Народот избра нов правец, и таквата негова волја најдобро ќе се ефектуира со нова прераспределба на силите во собранието, преку нови предвремени избори и нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Брзи предвремени избори се неопходни заради:

1. Решавање на енергетската криза од страна на компетенти луѓе и спречување на евентуални рестрикции на струја кои се можни со Социјалдемократскиот сојуз. Прашањето веќе не е дали цената на струјата ќе поскапи, туку колку. Поскапувањето на цената на струјата ќе значи и ценовен шок кој ќе се прелее и врз останатите производи во малопродажба, а сето ова ќе значи зголемена инфлација, намален стандард и зголемена сиромаштија.

Хидро акумулациите се испразнети, во РЕК Битола нема јаглен, а багерот за ископ е во вода. ТЕЦ Неготино нема мазут, ниту се знае кога и како ќе почне да работи. СДСМ не доведе до оваа криза и тие не можат да бидат решение.

2. Ефикасно справување со КОВИД кризата. Владата на СДСМ се покажа како најнеспособната администрација во Европа за справување со пандемијата. Над 7.000 луѓе починаа, имаме најголема смртност во Европа, 14 луѓе живи ни изгореа, вакцините доцнеа 5 месеци, а кога дојдоа беа од донации. Оваа влада и овие луѓе немаат кредибилитет, ниту знаење да се справат со кризата.

3. Забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија. Дури и да се добие датум за преговори за што ВМРО-ДПМНЕ целосно се залага, потребни се целосни и темелни реформи кои како што е сегашната состојба ќе ги спроведуваат институции со слаб квалитет и без кредибилитет. Потребно е целосно воспоставување на владеењето на правото што е можно само со искрен, чесен и посветен пристап. ВМРО-ДПМНЕ има план и знае како да сработи.

4. Заздравување на економијата и развој на државата. Заев ветуваше раст од 5% годишно, а завршивме со раст од 1%. Економијата влегува во сериозни и нестабилни води. Индустриското производство во месец септември падна за 8%, споредено со истиот месец минатата година. Бројот на вработени во индустријата се намали за повеќе од 2% во септември месец споредено со истиот месец 2020-тата година. Едноставно кажано имаме константен пад. Претходно над 60.000 луѓе останаа без работа, а 5.600 фирми ставија клуч на врата. Една странска инвестиција не е дојдена во државата. Економијата е во слободен пад.

Зоран Заев и Социјалдемократскиот сојуз не може да бидат решение, тие се причината за сите проблеми. Граѓаните со огромно мнозинство кажаа дека сакаат промени. Над 50.000 гласа е разликата на советничките листи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Социјалдемократскиот сојуз. Имаме нова ситуација на терен, и таа мора да биде застапена и во собранието. Само со нови избори волјата на граѓаните ќе биде пресликана и во собранието, и само така ќе имаме стабилна влада според волјата на народот. Влада која ќе ја водат стручни и компетентни луѓе, кои знаат како да ја кренат Македонија на нозе. Порака и до Заев, ако си верува во веселите математики со кои што се теши, ајде Заев на избори“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: САД треба да знаат дека власта во Македонија има карактеристики како режимите во Иран и Венецуела

ВИДЕО: 74 тендери вредни 17 милиони евра за една фирма, институциите два месеци без реакција, обвинува СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ предлага дополнителни пет години за легализација на дивоградбите

Катерина Ѓуровски

Петрушевски: Подзаконскиот акт за канабис во колизија со законот, власта на СДСМ го донела спорниот правилник

ВИДЕО: Кампањата против СЈО е операција за враќање на Груевски, вели Кузеска

Катерина Ѓуровски

Петрушевски: Двојни аршини на СДС и Филипче, велат дека треба да се казнат оние кои сакаат да возат без возачки, а од друга страна гласаат против имплементација на „Безбеден град”