Делата „И јас сум тука“ и „Не престанувајте да се гушкате“ беа промовирани вчеравечер во Кинотека на Северна Македонија.
За собирањето на приказните и пораките разговараа авторите на книгата со автопортрети „И јас сум тука“, Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов и Ануки Стуруа, менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“, a за тоа како се разви партнерството со театарот „Глада Худик“ и како се роди проектот „Никогаш не престанувајте да се гушкате“ зборуваше Ануки Стуруа.
Како што информираше таа, целта на проектот е да се подигне свесноста за луѓето со интелектуални попречености и да се избришат стигмите и предрасудите за овие лица и да им се помогне да се интегрираат целосно во општеството и да се избегнат оние институонализации и изолации коишто се уште се присутни во некои земји.
Ѓорѓијевска истакна дека ја охрабруваат реакциите на публиката во изминатите два дена, на луѓето кои биле вклучени во самиот проект и токму нивната реакција ѝ била најважна.
Огњанов рече дека не очекуваат дека проектот преку ноќ ќе ги смени работите, но, му е драго што поттикнува размислување, поттикнува движечка енергија за да се промени свеста и се надева дека изложбата ќе ја видат други деца и луѓе и ќе поттикне други креативци да се фатат за работа и да направат проект со кој ќе ги уриваат тие бариери.
По промоцијата беше прикажан филмот „Модна ревија: Од Глада Худик до Њујорк“, кој на програмата на Кинотеката ќе се прикаже и на 18 и 19 ноември.