Предавање на Мојсова-Чепишевска за Конески на Универзитетот во Загреб

Од:

Дали во тихата и строга реч на Блаже Конески не треба да ја препознаваме авангардната поетика на нулта точката која е светотворна и културотворна со верба кон вистинскиот свет – кон оригиналот? Дали синтагмата проста и строга песна е нулта точка на македонската култура? Ова се дел од прашањата коишто вчера ги отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, на предавање на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб.

Предавањето „Необичната обичност на великиот Конески“ се одржа во рамки на работната посета на Мојсова-Чепишевска на Хрватска што се реализира на покана на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Конески, со цел да се отворат нови перспективи за македонистиката на хрватските универзитети.

Со предавањето продолжија активностите за одбележување на големиот јубилеј, 100 години Конески. Во него Мојсова-Чепишевска примени современ книжевно-теориски, но едновремено и иновативен пристап во исчитувањето на поетското творештво на Конески, контекстуализирајќи го со современата македонска култура и одделно со клучни пројави од македонската современа книжевност. Применувајќи дел од најсовремените гледишта и книжевно-теориски алатки на книжевната теорија, Мојсова-Чепишевска се надоврза и на исчитувањето на творештвото на Конески од страна на Атанас Вангелов, овозможувајќи ново толкување и нов пристап на вреднување на книжевната оставнина на Конески во целина.

Како што информира МСМЈЛК, особено радува интересот за предавањето што студентите на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб го искажаа и преку интеракција, особено во делот од предавањето во којшто простата и строга песна беше интерпретирана и препознаена како нулта точка – инспирација за (пре)создавање во македонскиот културен простор.

Домаќин на Мојсова-Чепишевска на Филозофскиот факултет во Загреб беше проф. д-р Ивица Баковиќ, професор по македонска книжевност и култура, а сега и раководител на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности. Во текот на вчерашниот ден, покрај предавањето, се разменија мислења, идеи и се конципираа планови за активности за натамошниот влог во македонистиката во Загреб.

Во текот на денешниот ден, работната посета на Мојсова-Чепишевска на Хрватска продолжува во Риека.

Работната посета на директорката на МСМЈЛК на Хрватска е на иницијатива на директорката на Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб, проф. д-р Наталија Поповска, со поддршка од Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Хрватска и амбасадорот, Милаим Фетаи, како и со поддршка од Министерството за култура.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

A1on

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Објавена книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска