Поранешниот англиски фудбалер Пол Гаскоњ (46) се обидел да се самоубие со „фрлање во море“ по една „тешка пијанка“, објавија лондонските весници.
Некогаш популарниот Газа, фудбалер на „Тотенхем“ и на „Њукасл“, кој на неколкупати досега се лекуваше од алкохолизам, како и од болести предизвикани од прекумерното пиење, се искачил на оградата на морскиот кеј во Боскоумб на јужниот англиски брег за да се фрли во водата.
Пред тоа од мобилниот телефон им се јавил на своите најблиски, кои веднаш ги алармирале неговите пријатели кои живеат во тој дел од Англија, како и персоналот на болнцата каде Гаскоњ се лекуваше од алкохолизам.
Тие пристигнале пред фудбалерот да скокне во морето и го одвеле во неговиот дом во приморскиот град Бормут.
Инцидентот се случил минатата недела во четири часот наутро и весниците велат дека од тогаш некогашната ѕвезда на англискиот фудбал не е виден во јавноста.
Неговите пријатели објаснуваат дека Гаскоњ се наоѓа во „најлошата физичка и ментална состојба“ по една недела постојано пијанчење.
Газа минатата недела беше уапсен од полицијата затоа што ја нападнал својата поранешна сопруга, во пијана состојба на една железничка станица.
Еден од неговите пријатели, кои не сака да биде именуван, открива дека Гаскоњ е свесен оти својот живот ќе го заврши како и фудбалерот на „Манчестер Јунајтед“, Џорџ Бест, кој почина после низа години пиење.