Надзорната расправа на собраниската комисија за земјоделство, за начинот на доделување на земјоделските субвенции ќе се одржи кон крајот на август. На оваа расправа, пратениците од опозицијата најавија дека ќе докажат дека се врши злоупотреба на земјоделските субвенции преку примери кои ќе бидат поткрепени со документи и преку сведочење на земјоделци.
„На расправата ќе бидат повикани да сведочат првите луѓе на министертвото, како и поранешни министри, заменици и директори на институции. Подготвени сме со примери за злоупотреба на огромни суми буџетски средства кои завршиле кај луѓе блиски на власта и за ова ќе бидат испрашувани сведоците од Владата. Од друга страна имаме и примери каде земјоделски производители и покрај исполнување на критериумите за добивање на субвенции, се одбиени, а нивните пари завршиле кај луѓе блиски до власта“, рече Ленче Николовска, претседател на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Пратениците од мнозинството пак најавија дека со задоволство ќе ја дочекаат надзорната расправа во услови кога тие како никој досега поделиле субвенции кои завршиле кај земјоделците.