Граѓанската иницијатва „Учебници и настава мора да има” денеска поднесе две претставки до Министетството за образование и наука и Народен правобранител.
Драгана Спасевска, овластен застапник и претставник на Граѓанската иницијатива, изјави дека првата е за повлекување од употреба на материјалите за учење за прво и четврто одделение според новите наставни програми поради, како што рече, „суштествени проблеми и недостатоци во нив, негативното влијание што го имаат врз децата и поради кршењето на некои фундаментални човекови права во делот на правото на образование“.
-Втората претставка е за кршење на уставните и законски права на децата од страна на МОН и Бирото за развој на образованието. За ова е испратен и доказен материјал поткрепен со аргументи кој е доставен до Министерството, до Народен правобранител и до Владата. Го известуваме и премиерот Зоран Заев дека ги испративме до него сите доказни материјали и од него бараме да ја адресира одговорноста кај ресорната министерка и да побара од неа неотповиклива оставка. Оваа информација ќе ја проследиме и до меѓународните институции преку нивните дипломатски претставништва, изјави Спасевска.
Доказниот материјал што го спомна рече дека е добиен од истражување од стручни лица и од мислења на родители преку спроведена анкета и од над 100 училишта кои, како што рече, дале известувања дека согласно новата Концепција за основно образование има многу недостатоци – и за печатените материјали за учење и за дигиталните уреди.
-Спорни се и содржините во материјалите за учење за прво и четврто одделение бидејќи едукативноста и воспитанието се изоаставени. Има и текстови на анонимни автори кои не содржат ништо едукативно. Во некои текстови се бришат некои факти од историјата што постоеја во минатото и сме ги изучувале. Оттргнати се општествените вредности, избришани се факти за нацијата или не се добро објаснети. Ретко има текстови за вредностите на семејството, за мајката, за нашата земја… Има недобри работи кои децата треба да ги прифатат како нормално, додаде Спасевска.
Рече дека даваат рок од 15 дена да добијат одговор и да почне повлекување на спорните материјали и на Концепцијата за основно образование и дека се уште не е доцна да се запре, како што рече, „овој деструктивен процес и да се спасат идните генерации од несакани последици“. По истекот на тој рок ќе се обратат до други институции – Уставен суд, Јавно обвинителство и до меѓународни институции.