Француската министерка за одбрана Флоренс Парли денеска им порача на колегите од НАТО да не се плашат од заедничките одбранбени планови на Европската унија.
Парли истакна дека САД ќе имаат корист и дека европските капацитети само ќе ја зајакнат Алијансата.
– Кога слушам некои дефанзивни изјави околу прашањето за одбраната на ЕУ, кога ќе видам одредени закани, вклучително и во оваа организација, велам: „Не плашете се!“, изјави Парли за време на седницата на која присуствуваше и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Таа додаде дека европската одбрана не се прави со цел да биде опозиција на НАТО, туку дека напротив, посилна Европа ќе придонесе за посилна Алијанса.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин одговори позитивно во својата јавна презентација и го поздрави зајакнувањето на европската одбрана.
– Она што би сакале да го видиме се иницијативи кои се комплементарни со работите кои ги прави НАТО, додаде Остин.
Од 27 членки на Европската унија, 21 земја се и членки на НАТО, каде се наоѓаат 30 држави.