Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска ќе завршат со организирана посета на Спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово и на подновената училница во којашто учел Конески.
Ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на настанот, како и проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и проф. д-р Људмил Спасов, досегашен претседател на Советот за македонски јазик при Владата.
Претходно, во Институтот за старословенска култура во Прилеп ќе бидат претставени изданија на оваа научна установа.
Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик, кои се одржуваат од 18 до 22 октомври 2021, опфатија и дводневна меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истржувања“, како и 25-тите „Денови на Благоја Корубин“ со научен собир „Благоја Корубин – втемелувач на македонскиот стандарден јазик. Јазикот во практиката“.
Годинава Отворените денови се во знакот на еден век од раѓањето на Блаже Конески и 95 години од смртта на патронот на Институтот за македонски јазик – Крсте Мисирков, како и 30 години од независноста на државата.