Анже Логар пред ЕП: Патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ нема да биде автопат, туку мал пат со многу кривини

Од:

Европскиот парламент, два дена по објавувањето на пакетот за проширување на Европската Комисија, денеска на пленарна седница расправаше по декларацијата на Европскиот Совет и Европската Комисија за заклучоците од Самитот со земјите од Западен Балкан. Во скоро двочасовната расправа, мнозинството од европските пратеници изразија поддршка на европските перспективи на земјите од регионот, изразувајќи и разочарување од самитот во Брдо, Словенија, кој не им пружи јасна иднина на земјите што според нив, ќе беше поттик за реформи. Во дискусијата беше побарано почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија. Во однос на европските перспективи на регионот, резервите доаѓаат само од редовите на крајната десница, јави дописникот на МИА.

-На последниот самит видовме хипокризија, од една страна Европската Унија глуми дека сака да ги прими земјите од Западен Балкан, а Западен Балкан глумат дека ги спроведуваат реформите за да се приклучат на клубот, предупреди европратеничката Виола Фон Крамон-Трудел.

Таа, исто како Педро Маркес, Изабел Сантос, Димитрос Пападимулис, Ладислав Лалиќ, Тања Фајон, Тонино Пицула и уште многу други европратеници, оценија дека самитот се сведе само на „тапкање по рамења“ и дека тој конкретно не им понуди ништо на земјите. Скоро сите учесници во дискусијата, побараа веднаш до крајот на годината за време на словенечкото претседателство со Унијата, да се утврди датумот за првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, кои се блокирани од бугарското вето.

Двете земји, според европратениците, а што исто така беше потврдено и од Европската Комисија и Советот, ги исполнија своите обврски, но тоа не го направи Европската Унија, потсетија европратениците.

Ако известувачот за Северна Македонија Илхан Ќучук беше конструктивен во своето обраќање, тоа не беше случај со неговиот сонародник Ангел Џамбазки, кој повторно истури тешки обвинувања за Северна Македонија:„ дека ги уништувала бугарските воени гробишта, не дозволувала самоопределување на Бугарите во Македонија, нивната дискриминација, говорот на омраза“. Од своја страна Андреј Ковачев побара да се заборави комунистичкото минато и наследството на Тито.

Околу бугарското вето и обвинувањата на Џамбазки одговорот дојде од европратеникот Томас Вајс.

– ЕУ утврди јасни услови за почеток на преговорите, Северна Македонија и Албанија ги исполнија тие услови за да почнат преговори, тоа е за почеток на преговори, а не за членство, Тоа е прилика да се зборува за билатерални проблеми. Барам од Бугарија да ни дозволи да излеземе од ќорсокакот, рече тој.

Европратеникот Вајс директно му се обрати и на колегата Џамбаски. – Господине Џамбаски вашата партија не беше избрана во бугарскиот парламент на два пати, значи бугарското население не го поддржува вашиот говор на омраза и поделби. Би било добро Бугарија да биде покрај европските партнери и да ни дозволи да излеземе од ќорсокакот и да започнеме со преговори, заклучи Вајс.

Според дискусиите на европратениците, населението во регионот се уште во мнозинството е проевропски настроено, но тоа се намалува. Тие побараа да не се чека предолго, тоа е голема одговорност за сите, но особено за Бугарија. Во спротивно, според нив се намалува и кредибилитетот на Европската Унија и се остава простор за други влијанија, како тие на Русија, Кина или Турција.

На иста позиција е и Европската комисија, која на дебатата беше преставена од Маиред МкГинис, европската комесарка за финансиски услуги, финансиска стабилност и унија на пазари на капитал, која нагласи дека решавањето на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да биде приоритет.

Словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар, како претседавач со Советот, нагласи дека критиките кои беа изречени од Европскиот парламент, не се однесуваат на претседателството со Советот, туку на сметка на оние кои имаат резерви околу проширувањето кон Западен Балкан.

-Да се изрази незадоволство за процесот за зачленување на земјите од Западен Балкан, е јасна порака за ЕУ, доказ дека треба да се забрза напредокот како од институциите така и од земјите од регионот, рече тој.

Признавајќи дека напредокот од Самитот не е задоволувачки, Логар смета дека патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ нема да биде автопат, туку мал пат со многу кривини, кој ќе не доведе до проширувањето. Успехот на словенечките напори за земјите од регионот се умерени. Потсетувајќи дека и во самата Декларација од Брдо има противречности, Логар рече дека на почетокот не можеше да се користи зборот проширување во текстот на декларацијата, и дека нема датум. Тој потсети дека Словенечкото претседателство тоа го направи за да има датум, но за време на координацијата тоа не беше можно. Некои од европратениците жалат за реформите кои се на мртва точка во земјите од Западен Балкан, но за тоа е донесена и стратегијата за проширување од 2020, чија цел е да се направи напредок во овие реформи.

Словенечкиот шеф на дипломатија смета дека ќе биде грешка да се направи одвојување на земјите од регионот, како што побараа некои европратеници, на нивниот пат кон ЕУ.

-Треба да се знае дека Република Северна Македонија ги исполнува сите поставени услови, но ни треба едногласност од сите 27 земји членки, но засега тоа го нема, рече тој.

Логар на крајот потсети дека „успехот на самитот е реален“ и покрај се, бидејќи во декларацијата се вели дека вакви средби треба да се одржуваат редовно за да се зборува за перспективите и постигнатиот напредок. Така следниот самит ќе биде под чешкото претседателство.

-Сега „имаме црно на бело, дека проширувањето кон земјите од Западен Балкан претставува стратегиска компонента кон која сите сме приврзани. Ние го потврдивме планот за инвестирање и се обврзавме да пружиме помош за вакцинирањето против Ковид.

Тоа, според Логар треба да ги однесе овие земји во поодлучни реформи и да им ги ускрати аргументите на оние во земјите членки кои се скептични за проширувањето.

Би можело да ве интересира

Трамп размислува да го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија