Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски кого утрово полицијата го сопре и го прати со возилото на технички преглед, на прес – конференција попладнево соопшти дека тој и неговиот тим биле следени од полицијата веќе три недели. Тоа го разбира како тортура и притисок од одредени полициски службеници поради неговата кандидатура за втор градоначалнички мандат.
„Јас како кандидат за градоначалник и сите мои поддржувачи и активисти од штабот ’За наше Куманово’ сме предмет на физичко и друго следење од страна на поедини лица вработени во Министерството за внатрешни работи. Денеска, откако го напуштив работното место и се упатив кон мојот матичен лекар за да одам на редовен преглед и да примам терапија, се упативме со лицето Дејан Димитриевски коj го управуваше возилото, кое е уредно, технички и технички исправно. Бевме следени целиот тој период од страна на бело возило со полициски таблици управувано од возачот на актуелниот началник на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ“, рече Димитриевски.
Возилото во кое бил градоначалникот го сопреле тројца полицајци, побарале полномошно за Дејан Димитриевски кој го управувал возилото кое им било дадено, а потоа ги пратиле на вонреден техники преглед на возилото.
„Целиот период полициските службеници беа крајно непрофесионални. Побарав истите да се идентификуваат, на моето барање неколку пати, го одобрија тоа. Ги дадоа своите значки, додека третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање, откако заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа востановени неточни податоци“, се пожали Димитриевски.
Тој објасни и дека се невистинити податоците објавени во дел од медиумите дека возилото било нерегистрирано и нагласи дека за време на кампањата, иако ретко, користеле возило со уредна техничка документација. Димитриевски смета и дека сопирањето утрово е само дел од континуираните обиди да го заплашат него и неговиот тим.
„Сакам да испратам една јасна порака до господинот Оливер 1 и господинот Оливер 2. 31-ви октомври е многу близу. Граѓаните ќе видат со каква нереална власт којашто од страна на поединци се трансформира за жал во режимска власт се соочуваме. Кај нас, во Куманово притисоци не поминуваат. Дополнително, слушнав дека е покрената активност во рамки на Министерството за внатрешни работи, сега е тоа на истрага од внатрешна контрола. Сакам притоа, за да не се водиме по системот кадија те суди, кадија те тужи, да го потсетам министерот Спасовски дека во штабот ’За наше Куманово’ имаме пријавено неколку кривични дела коишто се работат согласно законот, поврзани дејствија со изборниот процес“, рече Димитриевски.
МВР по сопирањето на Димитриевски, соопшти дека одделот за внатрешна контрола ќе го испита случајот и нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положба, но не кажаа која била причината поради која градоначалникот бил сопрен, а потоа и пратен на дополнителен технички преглед.
Неофицијално, тој бил сопрен оти возилото има затемнети стакла, кои се забранети, а го спровеле до најблиската станица за технички преглед на возила оти тоа била редовна процедура во такви случаи.