Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска со повик до скопјани и во вториот круг да ја поддржат на ист начин како што ја поддржале во првиот, ја почна кампањата за вториот круг на локалните избори. Таа соопшти дека според податоците што ги добила од ДИК нејзиното водство пред кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, изнесува 5334 гласа.
„Да ви кажам искрено, овие три недели за мене беа една интересна, ако можам така да кажам, трка, каде што се покажа дека дури ни црната кампања повеќе не поминува кај скопјани. Заедно покажавме дека имаме сила да се избориме со лагите, со манипулациите и дека е време за вистинските вредности во нашиот град. Сега е време за позитивни промени во Скопје. Денес е нов почеток за следниот круг на овие избори“, рече Арсовска нагласувајќи дека денес Скопје го огреало сонце.
Таа уште еднаш, како многупати во кампањата, кажа дека скопјани виделе што може да направи досегашниот градоначалник. Потрошил четири години, а не реализирал ниту пет проценти од она што го вети во 2017 година.
„Наместо проекти видовме празни ветувања, видовме спотови и нереални 3Д анимации“, рече Арсовска.
Таа смета дека самиот факт што на изборите имаше 12 кандидати укажува на тоа дека скопјани сакаат промени и повика на поддршка за скопјани заедно со неа да излезат како победници и во вториот круг. Рече дека е позитивно изненадена од неколкуте граѓански иницијативи кои станаа делови од советите на општините оти внеле свежина и нова енергија во локалните избори и најави дека нивните програми и приоритети ќе бидат дел од нејзината програма како човек што ќе го води градот.
Арсовска не одговори конкретно на новинарско прашање дали смета на поддршка од кандидатите кои нема да влезат во вториот круг, туку ги повика сите да ја поддржат и уште еднаш повтори дека нема да биде политичар кој ќе спроведува партиски одлуки туку дека ќе работи за доброто на граѓаните и покрај поддршката од ВМРО – ДПМНЕ.