Олга Панкина е овогодишниот добитник на највисоката награда за превод „Златен Витез“ на истоимениот Дванаесетти меѓународен книжевен форум во Русија.
На оваа голема меѓународна манифестација се доделуваат награди за повеќе уметнички области. За номинација за литература, оваа година пристигнале над 400 дела.
– Се радувам што го добив „Златниот Витез“ токму како преведувач чиј труд обично останува во сенка, кој е помалку забележлив, но, не е помалку важен и тежок од писателскиот. Среќна сум што со своја преведувачка активност придонесувам за популаризација на македонската книжевност на руските jазични простори, за единство на словенскиот свет, за зближување на словенските литератури, култури и народи, вели Панкина.
Претходно и други македонски автори добивале награди на овој престижен книжевен форум. Во 2017 година Ристо Никовски станал лауреат во номинацијата „Публицистика“, а во 2018 година Влада Урошевиќ ја освоил највисоката награда за поезија. Двете дела на наградените македонски автори биле во превод на Олга Панкина.