Вработените од подружниците на „Македонска пошта” од Охрид, во нивно и во име на колегите од Струга и Дебар, денеска преку протест ги посочија лошите услови за работа, како и пролонгираните исплати на месечните лични доходи на вработените.
На денешниот протест во Охрид тие побараа навремена исплата на плати, одржлив развој, инвестирање и одржување во основните средства за работа, како во делот на платниот промет, така и во делот на достава.
Според нив, исплатата на месечните лични доходи на вработените се пролонгира со задоцнувања од месец во месец, се работи со дотраени средства за превоз на поштенските пратки, како и несоодветни униформи, што сето заедно неповолно се одразува на квалитетот на услугите што ги дава субјектот.
– Бараме од менаџерскиот тим да има посериозен пристап и да покажат разбирање дека сепак во прашање се егзистенцијални прашања на сите вработени…Да се преземат конкретни мерки и чекори за решавање на ваквата состојба и нормално функционирање на „Македонска пошта”, како што доликува на една ваква компанија која е од стратешки интерес на државата, изјави Тони Матески, претставник на Синдикатот на „Македонска пошта”.
Тој посочи дека вработените се соочуваат со недостиг или несоодветно одржување на основните средства за работа, од соодветни компјутери, принтери, тонери, хартија, се до дотраеноста на средствата за физичка достава на пратки.
Вработените од сите експозитури и подружници на „Македонска пошта” најавуваат дека забелешките ќе ги достават до сите надлежни инстанци, од Управниот одбор до генералниот директор.