Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, разговарал телефонски со српскиот претседател и со косовскиот премиер и побарал да се одржи нова рунда преговори во рамките на бриселскиот дијалог за да се надминат тензиите.
Ова го потврди денеска портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, кој прецизираше дека Борел разговарал со двајцата лидери за време на неговиот престој во САД.
Шефот на ЕУ дипломатијата во Вашингтон се сретна со државниот секретар, Ентони Блинкен, со кого разговарале за тензиите на северот на Косово.
-Борел разговараше за Западниот Балкан и за Косово со Блинкен, ЕУ и САД соработуваат одблиску и имаат исти цели, посетата на високиот претставник само ја нагласи одлучноста на двете страни да соработуваат одблиску, рече Стано.
ЕУ сака да види нова рунда на Дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, под медијаторство на Унијата.
За сега не е одреден датум за нова средба, Брисел цели кон нова рунда прво со шефовите на преговарачки тимови, а потоа на највисоко ниво со двајцата лидери, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.
-Борел и Блинкен ја истакнаа важноста од ЕУ дијалогот кој е поддржан од САД и улогата на овој дијалог за решавање на прашањата кои водат кон нормализација на односите, додаде Петер Стано.
Брисел и Вашингтон повикаа и на деескалација на тензиите помеѓу двете страни.