САД стравуваат од расни немири, откако поротата во градот Сенфорд во Флорида му изрече ослободителна пресуда на 28-годишниот Џорџ Зимерман, обвинет за минатогодишното убиство на 17-годишното момче Трејвон Мартин, јави дописникот на МИА.
Убиството се случило по нивната меѓусебна физичка пресметка на 26. февруари 2012 година, кога Зимерман го забележан Мартин како во вечерно време се движи меѓу куќите во кои населбата во која живеел.
Сомневајќи се дека се работи за еден од големиот број крадци кои честопати напаѓале куќи во оваа населба, Зимерман повикал полиција, а потоа се обидел да го запре момчето, кое одело кон куќата на неговиот татко. По расправијата, Мартин го соборил Зимерман и почнал да го удира, по што Зимерман смртно го застрелал еднаш во градите.
Фактот дека Зимерман потекнува од бел татко и Хиспаноамериканска мајка, додека Мартин е Афроамериканец му даде расна конотација на целиот случај, особено откако обвинителот од Сенфорд наредил Зимерман да биде ослободен без да покрене обвинение против него, сметајќи дека се работи за случај на убиство во самоодбрана. Законот на Флорида дозволува граѓаните да употребат сила за да одбијат напад, без да имаат обврска притоа да се повлечат пред напаѓачот.
Но, поради силниот притисок на афроамерикански здруженија, медиумите, па дури и претседателот Барак Обама, кој му изрази сочувство на семејството Мартин велејќи дека “кога би имал син би изгледал како Трејвон”, обвинителството покрена процес против Зимерман поради убиство од небрежност.
И обвинителството и одбраната се обидоа да изнесат докази против учесниците во тепачката, честопати прекумедиумите.
Обвинителството укажа дека Зимерман самиот се прогласил за член на стражарската служба во населбата во која што живеел и дека повеќе пати пријавувал сомнителни минувачи низ населбата. Во телефонскиот разговор со полицијата на вечерта на инцидентот, полицаецот го советува да не го следи Мартин, а Зимерман пцуе и вели дека “овие гадови секогаш ни бегаат”.
– На осомничениот му беше смачено од се. Тој сакал да биде полицаец, изјави обвинителката Берни де ла Рионда.
Одбраната, пак, изнесе докази дека Мартин бил честопати суспендиран на училиште, под сомнеж дека извршил кражби на накит, деликвенција, како и за употреба на марихуана.
Двете страни изнесуваа фотографии од убиеното момче, обвинителството фотографии од неговите рани средношколски денови на кои тој изгледа како пристојно и воспитано дете, додека обвинителството објави фотографии на кои Трејвон Мартин делува застрашувачки со качулка на главата, која ја носел и вечерта на убиството. Фотографиите на кои се гледа како
Зимерман има повреди на носот и на главата по тепачката со Мартин исто така и помогнаа на одбраната.
Пред судот во Сенфорд се формирала порота од шест жени, пет бели и една Хиспаноамериканка. Во текот на судењето, кое започна на 20 јуни, одбраната започна лошо, поради несмасната шега со која главниот адвокат на одбраната Дон Вест го започна процесот.
Но, обвинителството претрпе катастрофа при сведочењето на Рејчел Џентил, пријателка на Мартин на која тој и се јавил по телефон. Џентил посведочи дека Мартин исто така употребил пцости кон Зимерман додека овој го следел, и потоа застанал скоро пред вратата на куќата на неговиот татко и остави впечаток дека Мартин сакал да се пресмета со лицето што го следело.
Повеќе сведоци изјавија дека виделе како Мартин седи врз Зимерман и го удира со тупаници. Во потресен момент на судењето, и мајката на Зимерман и мајката на Мартин сведочеа дека нејзиниот син извикувал за помош за време на тепачката, слушајќи ја снимката направена кога еден од соседите се јавил во полиција да пријави тепачка.
Чувствувајќи дека го губи процесот, обвинителството се обиде да го прошири списокот на обвиненија, барајќи пресуда против Зимерман за малтретирање на дете, која потоа може да се крене на ниво на пресуда за убиство, но судијата го одби ова барање.
На крајот, по еден и пол ден консултации, поротата донесе пресуда дека Зимерман не е виновен, односно дека убиството го извршил во самоодбрана. Пресудата предизвика бурни реакции во јавноста, и веднаш се јавија првите протести во повеќе градови, засега без информации за инциденти.
– Денес е решавачки ден за статусот на сонот на мојот татко. Каква и да биде пресудата за Зимерман, како што рече мојот татко, мора да се однесуваме на повисокото ниво на достоинство и дисциплина, порача Бернис Кинг, ќерка на познатиот борец за правата на Афроамериканците доктор Мартин Лутер Кинг, повикувајќи протестите против пресудата за Зимерман да бидат мирни.