Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска прими претставници на Македонското лекарско друштво (МЛД) кои го информираа за тековните проекти и планираните активности во насока на подобрување на квалитетот на здравствените услуги, преку усовршување и развој на македонската медицина и сродните науки.
– Претседателот Пендаровски изрази поддршка на континуираната посветеност на Македонското лекарско друштво во воспоставувањето високи етички стандарди и заштита на лекарската професија, со крајна цел унапредување на здравствената нега на граѓаните во Република Северна Македонија, соопшти Кабинетот на Пендаровски за неговата средба со претставници на МЛД, кое постои повеќе од 70 години.
Кабинетот наведува дека оддавајќи признание на севкупниот ангажман на лекарите во справувањето со Ковид-19, претседателот на државата истакна дека пандемијата дополнително ја акцентира исклучително важната улога на здравствениот сектор, притоа нагласувајќи ја неопходноста идните стратегии да бидат градени во согласност со потребите и целите на науката.