Заев од Брдо-Крањ: Македонските граѓани не можат да ги оправдаат блокадите, а довербата од нив ми е дадена за да барам решенија

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во завршницата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан даде изјава за медиумите којашто ви ја пренесуваме во целост:

„Денеска на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговори за членство во Европската Унија.

За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија.

Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни – за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото.

Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака.

Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани.

Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите.

Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век.

До сега, не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи.

Нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година.

Не е нова вест дека за нас е прифатливо, во духот на европските добрососедски односи, да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија.

Ние велиме – да, можеме и мораме, двете страни, веднаш после изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања.

Но, исто така, не е нова вест, дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање.

Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори во наша надлежност за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ, не само за нас туку и за целиот регион.

Нашиот успех во европеизацијата на земјата беше признаен и потврден со одлуката на Европскиот совет во март минатата година за почеток на преговорите за нашата земја.

Ние oстануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Северна Македонија.

Тоа го бараат нашите граѓани, тоа мораме да го одработиме.

Северна Македонија е Европа. Западен Балкан е Европа!

Сакам да ја искористам оваа прилика и да се заблагодарам на Словенија и на премиерот Јанша за нивната посветеност и на квалитетното време за добро на целиот Западен Балкан и за процесот на проширување и верувам дека до крајот на нивниот мандат, до крајот на годината ќе останат посветени.

Посебна благодарност до канцеларката Меркел и до претседателот Макрон коишто посветија исто така значајно време да разговараат со мене и со претседателот Радев за изнаоѓање решенија.

Секако благодарност и до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, до потпретседателот на Европската комисија Борел и до еврокомесарот Вархеји.

Сакам да се заблагодарам и за поддршката од средбите со премиерката на Естонија Калас, и со премиерот на Ирска Мартин. Имавме одлични состаноци, разговаравме за билатералните соработки и имаме уште многу што да направиме во таа насока, но сме благодарни и за нивната директна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ“.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

ВМРО-ДПМНЕ: Во видео од неколку секунди излезе на виделина целото лицемерие, аздисаноста и лажната грижа за народот на СДС