Претседателот Стево Пендаровски во рамки на официјалната посета на Хеленската Република денеска го посети музејот Бенаки, каде ја разгледа архивата на еден од најзначајните грчки и светски архитекти Константинос Доксијадис, кој учествувал во креирањето на основниот урбанистички план за реконструкција на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Како што соопшти кабинетот на претседателот, Пендаровски во музејот имал можност да види и стари фотографии од разурнатото Скопје кои Доксијадис ги направил во градот. Исто така, во музејот изложена е и благодарницата што градот Скопје му ја дал на Константинос Доксијадис за неговиот придонес во реновирањето на градот.
Со ова завршува официјалната посета на претседателот Стево Пендаровски на Хеленската Република којашто е прва посета на земјата на претседателско ниво од независноста на Северна Македонија досега.