МОН: Прва исплата за субвенциониран оброк, студентите добија по 1.440 денари за 15 дена од септември

Од:

Министерството за образование и наука информира дека студентите кои аплицираа на првиот рок од повикот за субвенциониран студентски оброк, денеска на своите трансакциски сметки ги добија првите средства во износ од 1.440 денари. На 17 836 студенти исплатени им се вкупно 25,7 милиони денари. Исплатата е за периодот од 15 септември, кога стапи во сила законот со кој е регулирано ова право, до 1 октомври 2021.

МОН соопшти дека исплатата ќе продолжи да се реализира согласно одредбите од Законот за субвенциониран студентски оброк, односно во првата недела од секој тековен месец, а ќе се однесува на изминатиот месец, со цел да се провери статусот на студентот, односно дали тој и натаму ги исполнува условите за користење на правото на субвенција, препорачана за купување здрава храна.

– Потсетуваме и дека во тек е вториот рок од Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк кој трае до 31 октомври и се однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние кои ги исполнуваат условите но не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок, наведува МОН.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е само електронски, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, со прикачување на само два документа – пријава и изјава за точност на податоци со наведување податоци за лична трансакциска сметка.

– Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година, потсетува МОН.

Министерството додава и дека обезбедува поддршка при аплицирањето за субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард и ги наведува контактите на вработените во секторот.

Би можело да ве интересира

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски

Мицкоски најави ваучери за таблети за сите студенти во вредност од 250 евра

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

Министерството за образование нема да го плати долгот од осум милиони евра за студентски превоз без судска одлука

Катерина Ѓуровски

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци