Постигнат договор меѓу Косово и Србија за регистарските таблички

Од:

Косово и Србија денеска постигнаа договор за спорносто прашање за регистарските таблички. Главните преговарачи од српска и косовска страна го поминаа целиот вчерашен ден и дел од денешниот во билатерални преговори со специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Договорено е специјалните косовски полициски сили да почнат со повлекување од Јариње и Брњак во исто време со отстранување на српските барикади, на 2 октомври во 8 часот, што треба да биде завршено до 16 часот во истиот ден.

КФОР ќе ги распореди своите војници на административни премини пред повлекувањето на специјалните единици и отстранувањето на барикадите и ќе остане таму во следните две недели.

Исто така, договорено е од 8 октомври, во 8 часот, да се применува режимот на налепници за регистарските таблички, како привремена мерка додека не се постигне трајно решение.

Во третата точка од договорот е предвидено формирање работна група, која ќе биде составена од претставници на ЕУ, Белград и Приштина и ќе работи на изнаоѓање трајно решение за регистарските таблички, според стандардите и практиките на ЕУ.

Првиот состанок на групата е закажан за 21 октомври во Брисел, а првите резултати ќе бидат претставени за шест месеци, на средба на високо ниво меѓу Косово и Србија.

– Претседателката Урсула фон дер Лајен го поздравува договорот постигнат по преговорите кои се одржуваат од вчера наутро. Овој договор доаѓа додека претседателката ја финализира својата тура низ Западниот Балкан. Таа вчера се сретна со властите во Косово, а денеска во Србија и ги повика двете страни да постигнат договор што поскоро и да ја деескалираат ситуацијата, изјави Дана Спинант, портпаролка на Европската комисија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека српската страна во Брисел го прифатила, како што рече, компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата на северот од Косово.

„Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение, од што сум задоволен и мислам дека е важно за нашата страна“,рече Вучиќ.

Би можело да ве интересира

Средба Вучиќ-Курти по девет месеци пауза

Прифатено барањето на Србија, ќе се одржи вонредна седница на Советот за безбедност на ОН

Влада на Косово: Посветени сме на целосна нормализација на односите со Србија и меѓусебно признавање

Стејт департмент: Забележливо повлекување на српските сили долж административната линија

Катерина Ѓуровски

Уапсен Милан Радоичиќ

Катерина Ѓуровски

Курти: Србија работи на воени планови за анексија на Косово