Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е најтранспарентното министерство на Владата на Република Северна Македонија, со 82,24 отсто од постигнатите критериуми на истражувањето на транспарентноста на владите во регионот, кое беше презентирано денеска на Конференцијата одржана во Подгорица, по повод Светскиот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од МИОА информираат дека Истражувањето за транспарентност ги анализираше владите на Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Според истражувањето, Владата на Република Северна Македонија е најтранспарентна во регионот, па дури и се смета за пример за другите земји.
– Владата на Северна Македонија постигна рекордни 83,43 отсто од критериумите поставени во областа на транспарентноста. Следува Босна и Херцеговина со 74,9 отсто, потоа Црна Гора со 59,5 и Србија со 47,7 отсто од максималниот број можни поени. Водечката позиција за транспарентност ја имаат министерствата на Владата на Република Северна Македонија со 62 отсто од дефинираните критериуми. Најтранспарентно од нив е Министерството за информатичко општество и администрација со 82,24 отсто од постигнатите критериуми. Потоа следуваат Министерството за одбрана со 79,49 отсто и Министерството за финансии со 77,65 отсто. Министерството за внатрешни работи со 70,39 отсто и Министерството за правда со 68,46 отсто од дефинираните критериуми исто така се рангирани на високо ниво. Административните тела се оценуваат со 40,57 отсто, додека Парламентот со 68,15 отсто од дефинираните критериуми, посочуваат од МИОА.
Според методологијата на истражувањето, потенцираат од МИОА, регионалниот индекс на транспарентност го мери ефектот на извршната власт и парламентот, почитувајќи го принципот на добро управување, во четири принципи: транспарентност, пристапност, интегритет и ефективност.