Ромите се поранливи на кризата предизвикана од COVID-19 што ни ја покажа потребата од активно вклучување на заедницата при заштита од кризни состојби

Од:

„Ова не е сцена од филм на Емир Кустурица. Ова е реална животна средина на ромската заедница…“ Вака започнува едно од фото сведоштвата на членовите на ромската заедницаво земјава, која како маргинализирана категорија беше многу повеќе погодена од COVID-19 пандемијата. Сиромаштијата, неповолните услови за домување, лошата инфраструктура, непристапните здравствени услуги беа нотирани како главни причини за неможноста на Ромите соодветно да се справат со пандемијата, но и со друг вид кризни состојби како пожари, поплави, земјотреси. Водени од овие заклучоци, во изминатите пет месеци, Здружението ЕСЕ во соработка со четири партнерски организации (Романо Чачипе, ИРИЗ, ЛИЛ и Станица ПЕТ) и поддржани од Светската здравствена организација го спроведоа проектот„Унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување“. Проектот беше спроведен во ромските заедници во општините Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Карпош и Прилеп.

„Почнувајќи од неможноста за соодветна заштита од Ковид-19, поради немање пристап до водовод и канализација, неможноста за соодветна самоизолација во домашни услови, живеењето во густо населени наслеби, до недоволен пристап до информации. Живеењето во импровизирани и руинирани живеалишта покрај тоа преставува значителен ризик при појава на секаков вид на катастрофа. Онлајн образованието исто така претставува предизвик за децата од ромската заедница, кои во голема мера немаат пристап до компјутер, интернет, па дури и до струја во своите домови. Голем дел од ромското население нема пристап ниту до примарна здравствена заштита блиску до своето место на живеење, што особено претставува сериозен проблем за време на пандемијата кога не можат да остварат преглед кај матичен лекар, да направат тестирање или да купат лекови во близина на местото на живеење. Работењето во неформалната економија во деновите на комплетно затворање во домовите и ограничените движења, значеше дека тие лица не можат да заработуваат во тие денови. “, рече Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.

СЗО во јануари годинава започна глобална иницијатива во повеќе од 40 држави, со цел да го зајакне гласот на ранливите категории граѓани, кои беа најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата со COVID-19. Оваа активност во земјава беше насочена кон три главни активности :

· Создавање на инфраструктура во заедницата за одговор на кризи, преку формирање на Совети во заедницата во кои членуваат претставници од ромската заедница, од граѓанските организации и од институциите на локално ниво;

· Утврдување на проблемите и потребите на заедницата по однос на одговор на кризи, преку спроведување на опсежно истражување во ромските домаќинства, а воедно, припадниците на ромската заедница креираа 60 фото пораки преку кои ги нотираа главните проблеми и ризици со кои се соочуваат во услови на криза, но и во секојдневното живеење

· Подготовка на Локални планови за јакнење на отпорноста на ромските заедници кон кризи, со учество на самата заедница во процесот на нивното креирање.

„Научивме дека работењето со заедниците е неопходно за да се изгради доверба и да се зголемат можностите и знаењето на луѓето да се придржуваат до мерките за заштита. За нас во СЗО токму ова е од основно значење – да им помогнеме да обезбедат ефикасен и брз одговор во случај на здравствена или каква било друга криза. Мора да ги интегрираме нивните потреби и да го чуеме нивниот глас за да може сите заедно да ги подобриме условите и да ги заштитиме животите на овие луѓе“, изјави Џихан Тавила, Претставничка на Светската здравствена организација во Северна Македонија.

На денешната конференција високи претставници на државните институции одговорни за инклузија на Ромите, за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и за заштита и спасување се согласија дека мора да постои комплементарност помеѓу националните и локалните политики во насока на згоилемување на отпорноста на ромската заедница на кризи. Исто така покажаа спремност за понатамошна соработка со ромските граѓански организации и ромската заедница во насока на зајакнувањето на ромската заедница за одговор кон кризи.

Би можело да ве интересира

Ромите за Демократија: Членови на СДСМ им се закануваа на Ромите набљудувачи

A1on

Меѓународниот ден на Ромите, 8 април неработен за припадниците на ромската заедница

Ана Ололовска

Пресуда на европскиот суд против Македонија за сегрегација на ученици Роми

Ана Ололовска

„Вторник само за Роми“ – Базен во Шуто Оризари со натпис дискриминирал врз основа на етничка припадност и боја на кожа

A1on

Приоритети на Стратегијата за Роми 2022–2030 се долгорочното унапредување на социјалната кохезија и економскиот статус на Ромите

А1он

Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, неработен за припадниците на ромската заедница

Ана Ололовска