Судиите не се чувствуваат доволно поврзани со работата на Судскиот совет. Се чувствуваат отуѓени и не чувствуваат дека Судскиот совет е тој, којшто ги застапува и брани нивните интереси, ниту дека ја унапредува генерално независноста на судство. Судскиот совет во иднина се очекува да биде носител на најавената реформа, во надеж дека реформираниот судски систем и воведените методологии за оценување на судиите на нивната работа ќе донесат некаков позитивен исход во однос на состојбите на правосудството.
Ова се заклучоците од спроведениот мониторинг на работата на Судскиот совет и направените интервјуа со 14 актуелни и двајца поранешни судии, презентирани на денешата завршна конференција „Влијанието на мерит системот врз судската независност и професионалност во Северна Македонија“, во организација на коалицијата „Сите за правично судење“.
Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“ Натали Петровска, посочи дека анализата укажува недоволното ниво на целосна транспарентност во работењето на Судскиот совет, како и отсуство на образложенија во решенијата со кои се назначуваат односно разрешуваат судиите, што пак е клучно за да се направи добра проценка на аргументацијата и дали навистина е имплементиран системот на заслуги во назначувањето и изборот на судиите.
– Законот воопшто нема потреба да претрпи било какви измени, се работи за пракса за работење на Судскиот совет. Значи аргументацијата е она што недостасува во нивните решенија кога се назначуваат, односно разрешуваат судии. Значи вообичаено кога се назначува некој судија судиите се произнесуваат за, меѓутоа нивното спротивставување на изборот односно гласањето со „не“, воопшто не е аргументирано. Така што, немаме прилика да ги дознаеме причините зашто некој судија не е назначен, не е унапреден или слично, појасни Петровска.
Во самата анализа е констатирано, посочи Петровска, дека најчесто пред седницата на Судскиот совет вообичаена пракса барем во изминатава година е одржување на неформални колегиуми на Судскиот совет во коишто остава впечаток дека веќе претходно ги одлучуваат и решаваат некои од прашањата коишто се тема на дневен ред на актуелната седница, а потоа само се произнесуваат да и не при нивното гласање.
– Дел од истражувањето беше и интервјуирање на голема група на актуелни и разрешени судии. Впечатокот за работата на Судскиот совет не можам да кажам дека е позитивен, од една едноставна причина што тие не се чувствуваат доволно поврзани со него, се чувствуваат отуѓени и не чувствуваат дека Судскиот совет е тој којшто ги застапува и брани нивните интереси. Ниту застапува за нив уште помалку дека ја унапредува генерално независноста на судство, изјави Петровска.
Претседателката на Судскиот совет на РСМ Павлина Црвенковска, во своено онлајн обраќање, зборувајќи за направените реформи и донесените правилници за работата и изборот на судиите, посочи дека се во насока на зголемување на довербата на јавноста во самата работа на судиите.
-За Судскиот совет од приоритетно значење е да има квалитетни судии, посветени на професијата и способни навремено да се справуваат со предметите. Јасно е дека колку поефикасни и поодговорни судии имаме толку правдата што ја испорачуваат ќе биде побрза и поефикасна, а тоа ќе претсатвува гаранција за почитување на правата на граѓаните и на владеење на правото. Судскиот совет се стреми токму кон тоа – преку мерливи квалитативни критериуми да ги избере или да ги унапреди судиите со цел судскиот систем да го направи функционален и достапен, а одлуките на судиите да бидат законити и донесени врз основа на пропишани правила, истакна Црвековска.
Таа нагласи дека Судскиот совет има донесено два правилника, едниот за рангирање на кандидати за судии од Академијата за судии и јавни обвинители, а другиот за рангирање на судија во повисок суд. Двата документа јасно прецизираат какви судии му се неопходни на судскиот систем, и според таквите критериуми ќе се избираат и оценуваат судиите.
– Аспектите кои се земаат предвид при интервјуто на кандидатите практично опишуваат профил на професионален, одговорен и решителен судија. Кандидатот треба да има способност функцијата да ја извршува етички, морално и одговорно. Пристапот кон правдата да му биде преку аргументи со игнорирање на личните предрасуди, да ги познава аспектите на правна материја, на правичноста и на правната сигурност. Важен предуслов е и тоа колку кандидатот ја цени европската пракса колку е отпорен на притисоци и дали е подготвен да работи со обемна материја. Тука, секако дека е важна и комуникацијата, односно судијата мора да биде прецизен, јасен, сеопфатен и преку комуникацијата да стигнува до решенија и договори, посочи Црвековска.
Директорката на ИНЛ одделот при американската Амбасада, Џоана Кецман, посочи дека е неопходно силно лидерство со високи етички вредности и покажување личен пример.
-Највисоките нивоа во судството, Судскиот совет, судиите и јавните обвинители, сите треба да покажат највиско ниво на професионалност и вредности. Професионалните здруженија треба да ги охрабрат и мотивираат во остварување на тоа. Сите знаеме, дека над секоја индивидуа, потребен е функционален систем, кој овозможува независност, како и вработување и промоција на отворен и базиран на заслуги систем, истакна Кецман.
Претседателката на Врховен суд на РСМ Беса Адеми, зборувајќи за „судската независност како алатка за враќање на довербата на граѓаните во судскиот систем“, порача дека во процесот на спроведување на демократските реформи и создавање нормативно-правни претпоставки за независно судство судиите ја носат најголемата одговорност – за остварување на најважните цели, како што се почитување на човековите права и слободи предвидени со Устав, закон и меѓународни документи.
– Интегритетот на судијата е најважен и секако дека и судијата, како дел од судскиот систем поединечно треба самиот да си ја штити личната независност и непристрасност. Влијанијата врз судијата се можни, но ако судијата се држи до законот и етиката, ги уважува фактите и законите, тогаш не постои начин врз него да се изврши било какво влијание. Обидите за притисоци, поттикнување или мешање, не може да се исклучат во ниту едно општество, меѓутоа битна е издржливоста на судиите, отпорот за зачувување на самостојноста и независноста на судиите, кои што се условени и зависни од постоењето на ефикасни одбранбени бариери и средства, изјави Адеми.
Потребно е, нагласи Адеми, постојано усовршување на професионализмот и стручноста на судиите и судската служба, кои се сигурна основа за подигање на довербата на граѓаните, но и дека судската независност има и економски аспект, кој треба да биде покажан преку судкиот буџет.