НУ Музеј ги повика кумановци бесплатно да ги посетат музејската поставка и опсерваторијата Кокино, информираа денеска надлежните од установата. Преку едукација, предавања НУ Музеј ќе ги одбележи Европските денови на културното наследство.
– Влезот ќе биде слободен од 22-28 септември, а за граѓаните, вработените ветуваат интересно дружење во неодамна обновената музејска поставка како и нови брошури за историјатот на музејот преведени на пет јазици. Влезот ќе биде бесплатен цела недела и за посетителите на Кокино, изјави Фросина Лазаревска од НУ Музеј, Куманово.
Во градската галерија неделава беше отворена изложбата на фотографии кои го прикажуваат богатото културно наследство од секојдневието на животот на село во минатиот век. Од Музејот информираа дека во тек е и изградба на мал театар во лапидариумот на градскиот музеј кој е наменет за настани што се организираат на отворен простор како што се едукативни работилници за деца, кино под ведро небо, изложби.
Почитувањето на различностите и демократското партиципирање во културата годинава се приоритети за Европските денови на културното наследство кои под темата -„Инклузивно наследство“ ќе се одбележат преку активности во 50-тина европски земји. Од Музејот планираат да ги вклучат маргинализираните групи. За наредната година планирана е едукација на лицата со попреченост, запознавање со работата на археолозите, историчарите и етнолозите, работилници.
– Досега, лицата со попречност, кои користат количка, не можеа да ги разгледаат поставките, затоа се надеваме дека ќе најдеме начин и за оваа категорија граѓани, да овозможиме непречен пристап, размислуваме преку надворешен лифт да овозможиме приод до музејската поставка, изјави Лазаревска.