Шест пратенички од Авганистан, заедно со членовите на нивните семејства, денеска преку Тбилис пристигнаа во Атина, а не седум како што првично беше соопштено од грчкото МНР.
Од Министерството за надворешни работи на Грција, излегоа со ново, коригирано соопштение, дека се шест, а не седум пратенички, кои од Авганистан биле извлечени со помош на Невладината организација „Zaka Khan“ со седиште во Њујорк.
Министерството додава дека пратеничките и нивните семејства, во Грција ќе останат краток временски период додека да завршат процедурите за нивно заминување и преселба во САД.
Паралелно, од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека Авганистанките и нивните семејства биле пречекани од генералниот секретар од Министерството, Патроклос Георгиадис. При пристигнувањето биле тестирани со рапид тестови, а во хотелот во којшто се сместени ги посетил надлежниот министер Нотис Митаракис.
– Со особено задоволство денеска ги запознав пратеничките, ги слушав нивните искуства и им посакав добредојде во нашата земја. На секој начин ќе им помогнеме при нивниот престој. Нашата земја брзо одговори на барањето за итен трансфер, целосно ги исполнува своите обврски и придава големо значење на хуманитарната димензија на кризата во Авганистан, рече министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис.
Пристигнувањето и престојот во Грција на пратеничките од Авганистан, според грчкото МНР е „во рамки на заложбата на Владата да прими симболичен број авганистански граѓани, кои ги бранат основните вредности, слободата на изразување и родовата еднаквост“.